Saturday, November 14, 2015

70 ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО НА ГИМНАЗИЈАТА ВО КАВАДАРЦИ


Со посебна свеченост, вчера гимназијата „Добри Даскалов“ ја прослави 193 годишнината од раѓањето на својот патрон, прославениот македонски војвода од илинденскиот период, еден од водечките револуционери и предводници на македонскиот народ од Тиквешкиот крај во борбата за ослободување од долговековното турско ропство, но и 70 годишнината од постоењето на кавадаречката гимназија.


По положувањето на свежо цвеќе пред бистата која се наоѓа во самото училиште, свое обраќање пред присутните имаше директорката Невенка Поп Ангелова, која меѓу другото рече: 

- 13 Ноември за нас вработените и учениците е посебно свечен ден, затоа што го славиме раѓањето на големиот македонски револуционер и тиквешки војвода Добри Даскалов, чие име со гордост го носи нашата Гимназија. Инспирирани од делата на нашиот патрон Добри Даскалов, отворената борба против врховистичките чети во Тиквешијата, борба против поделбата на Македонија и неговата јасната мисла „Македонија на Македонците” ние вработените и учениците се бориме за своја позиција и афирмација со постигнување на нови применливи знаења, квалитет, иновативност и постигнување на одлични резултати на сите полиња. Инспирирани од образованието и личноста на Добри Даскалов ја темелевме мисијата на нашето училиште, да развиваме здрави и креативни личности со знаења, вештини, компјутерски способности, високо развиена еколошка свест, со високи морални и хумани доблести како и останати особини, кои ќе им овозможат добра основа за продолжување на образованието и вклучување во општествениот живот“.


Во продолжение од својот говор, Поп Ангелова ги најави проектите за доградба на училници и реконструкција на кровната конструкција, кои дополнително ќе ги подобрат условите за работа во кавадаречката гимназија.
По свечениот говор, следуваше доделувањето на признанијата за учениците кои во изминатата година освоија награди на државните натпревари, а по него и рецитација за патронот „Тиквешкиот војвода Добри Даскалов“. Чествувањето на патронатот продолжи со историски час, проекција на краткометражен филм за војводата „Добри Даскалов“, беше отворена и изложбата „Визијата за слобода на нашиот патрон“, а манифестацијата заврши со отворање на лигата во класно првенство во мал фудбал.

Според предвиденото, чествувањето на патрониот празник ќе продолжи на 4 декември, за кога се закажани бројни спортски и културно-уметнички настани, а во меѓувреме, во знак на одбележување на 70 години образование и работа на гимназијата „Добри Даскалов“ со низа настани ќе се реализира и проектот „Денови на образование“.

Пишува: Марјан Димитров

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП