Friday, March 25, 2016

ЗАКОНСКИ ОГРАНИЧУВАЊА ЗА ВОЗАЧ-ПОЧЕТНИК



Согласно одредбите од Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, возач-почетник е секој возач на возило во период од две години, по добивањето на возачката дозвола, независно дали дозволата ја добил во Република Македонија или во странство. Како возач-почетник се смета и возач на возило во периодот од две години по добивањето на возачката дозвола од одредена категорија, независно дали поседува возачка дозвола за друга категорија.


Алкохол

Возач-почетник не смее да управува со возило, односно да започне управување со возило, ако во организмот има алкохол повеќе од 0,09 g/kg или ако покажува знаци на алкохолна растроеност.

Ограничувања во брзината

Возач – почетник кој поседува возачка дозвола од категориите „А1“, „А2“, „А“, „Б“, „Ц1“ и „Ц“ не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 km/h на автопат, а со велосипед со мотор повеќе од 40 km/h, ниту смее со возилото да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, во рок од две години од денот на издавање на возачката дозвола.

Временско ограничување на учество во сообраќајот

Возач-почетник на моторно возило, не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23,00 часот до 5,00 часот, освен ако со него во возилото на предното седиште се наоѓа лице-возач, од соодветната категорија и постаро од 25 години, на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило.

Ограничување во силата на моторот

Возач почетник, кој поседува возачка дозвола од „А” категорија, не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 25 киловати.

Возач почетник кој поседува возачка дозвола од „Б” категорија не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 77 киловати.

Непочитувањето на овие правила може да резултира со високи глоби и впишување на негативни бодови, а во одредени случаеви и привремено одземање на возачката дозвола.

Извор: pravdiko.mk

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП