Thursday, September 17, 2015

ДВОР KАKО ОД БАЈKА ВО ТИKВЕШKО

Младоженци доаѓаат да се фотографираат во рајот во Марена


Вистински рај е дворот на семејството Kамчеви во кавадаречкото село Марена. Приказната за овој двор од соништата мами многумина штотуку венчани двојки своите свадбени фотографии да ги направат токму овде.



- Местово е меѓу нештата на кои со задоволство ќе се сеќаваме. Има некоја мистичност која нуди уживање за сите сетила. Зениците воодушевувачки се шират гледајќи наоколу во оваа несекојдневна убавина, секаде се чувствува мирисот на многубројните дрвца и цвеќиња, кои ви се чини дека ви се смешкаат, а гласот на различните птици, само ја дополнува оваа божествена идила - изјавија за „Дневник“ момчето и невестата што штотуку се фотографираа седнати во старата дрвена кочија.





Поминавме прекрасни моменти во најпознатиот двор во Тиквешко, а можеби и пошироко. Забележавме различни форми на дрво и камен, ускладени до совршенство. И додека ја баравме поплочената патека за да стигнеме до величествената сенка на летниковецот во еден дел од дворот, се зачудивме од коментарот на домаќините, дека можеме слободно да газиме по тревата, која е навикната да биде мек килим под нозете на посетителите. Чудно спокојство владееше во тоа малечко царство, кое со зборови не може да се опише. Таму човек просто како да заборава на проблемите и му се препушта на волшепството што го нуди секоја педа од дворот.


Несекојдневниот стар велосипед нуди нови доживувања за гостите и младоженците што доаѓаат овде за својата љубов да ја овековечат на фотографии. Фигурите на многубројните видови животни прават да се чувствувате како да сте дел од една бајка. Водата што шумоли низ карпестата фонтана чиниш раскажува за животот, судбината, среќата. Печурките познати како трат, пак, со чија помош во минатото се добивал оган, како да го симболизираат огинот на љубовта кој секогаш носи радост со себе. Старите дрвени тркала и волнените рачно ткаени килими, полни со историја, како да сакаат да кажат дека времето не им може ништо и дека тие стануваат с` поубави како што одминуваат годините. Грнчарските производи, особено тие без кои не може да се замисли производството на домашни вино и ж’та во најлозарскиот регион на Македонија, му даваат посебна арома на воздухот во септември во Марена.

- Отсекогаш сме сакале да имаме убаво уреден двор. На таа своја љубов ~ посветуваме многу време, внимание и трпение. Потребна е голема пожртвуваност за секое дрвце и секое цвеќе да биде средено до перфекција и да ја има посакуваната форма. Голем број од овие предмети се многу стари и се традиционално семејно богатство кое нема цена, затоа што можете да купите или да изработите нови, но тие нема да имаат душа, нема да ја носат со себе тајната и приказната за животот на вашите предци. Овие лејки овде кои се универзални украси, растат во нашата бавча, а потоа мојот син им дава живот. Тој има што би се рекло златни раце, зашто од многу нешта што за други би биле неупотребливи, тој знае да ја извлече уметноста, за во неа да уживаме сите - ни раскажуваше со насмевка гостопримливата домаќинка Анка додека со сопругот Илија ја дотеруваа живата ограда наоколу.

Интересот за свадбени фотосесии се појавил откако нејзина колешка по мажачката одлучила наместо во студио, со сопругот да застанат пред фотоапарат токму во Марена.

Во дворот на Kамчеви има етнокујна во која можат да се пробаат типични македонски специјалитети приготвени по рецептот на нашите баби и дедовци. Мирисот на дрвата што горат е првиот знак дека тука секогаш нешто вкусно се готви. А се јаде во дрвени или керамички садови, зашто, велат, тие на храната ~ даваат посебен шмек.

Дрвената скала закачена на ѕидот од една од помошните простории, како симболично да го претставува нивното чекорење напред кон подобро уреден двор. А со главите внесени во зеленото срце, мајсторски направено од џбунесто растение, многу од вљубените двојки што доаѓаат овде да се фотографираат се заколнуваат на вечна љубов.

Пишува: Светлана Дарудова
Превземено од: Дневник

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП