Friday, October 9, 2015

СЕЌАВАЊЕ: ГЕРМАНЕЦ СПАСИЛ ПОВЕЌЕ СЕЛАНИ ОД ПРЖДЕВО ПОСТРОЕНИ ЗА СТРЕЛАЊЕ



Германски војник, кој требало да пука во селаните построени за стрелање, спасил од сигурна смрт повеќемина, се сеќаваат потомци на овој настан од 1944 година, кога како одмазда германските фашисти погубиле повеќе од 60 жители на демиркаписките села Прждево и Бесвица. Германецот, кој требало да пука, на жителка што знаела германски ~ рекол да им пренесе на тие што ќе успее дека тој најпрвин ќе пука над главите, а тие да паднат и така да се спасат, го прераскажува прждевецот Kире Тасев тоа што го раскажувале постари жители и сведоци на настаните од тоа време.



Деновиве се навршија 71 година од стрелањето во Прждево и Бесвица и од бесењето на десетина партизани, како одмазда на Германците, кои при повлекувањето, се соочиле со минирање на железничката линија.


- Во септември и во октомври 1944 година од Грција кон север се повлекувале повеќе единци. Главниот штаб на НОВ на Македонија донел оперативен план за попречување на извлекувањето на оваа крупна германска воена формација. За спроведувањето на овој план на потегот Гевгелија - Неготино била задолжена Деветтата македонска бригада. Била минирана железничката линија во должина од 150 метри кај месноста Прждевски Лаки. Притоа освен уништување на транспортот, загинале околу 90 германски војници, а имало и многу ранети. Но, преживеаните германски војници почнале со пребарување на теренот и заробиле десетина партизани, кои веднаш биле обесени, со главите надолу. Но, одмаздата не завршила таму. Германците, во раните утрински часови на 6 октомври, навлегле во селата Прждево и Бесвица и одмаздата била уште покрвава. Во Прждево биле стрелани 20, а во Бесвица 40 невини селани - вели секретарот на Сојузот на борци од Неготино, Петар Стефанов.

Возот на завојот

Жителите на Прждево се гордеат со херојското минато на нивните предци. Жители од ова село заедно со партизаните, кои во тој момент биле таму, урнале еден од оклопните германски транспортни возови, кои тогаш се враќале од Грција. Во тоа време Втората светска војна била при крај во Македонија, а Германците се повлекувале.

Прждевецот Kире Тасев ги пренесе раскажувањата на неговиот дедо, за настанот што тој го нарекувал „Возот на завојот“, а за кој зборувал целиот свој живот.

- Планот најпрвин бил да се урне воз кој бил од големо значење, бидејќи превезувал големо количество оружје, муниција и оклопни возила. Планот бил тоа да се направи пред тунелот кај Демир Kапија, кај местото Kлисура. Некој од минерите што ги познавал германските стражари кај Kлисура требало да ги опие, но не успеал во тоа. Планот се пренасочил кон местото викако Завојот. Од блискиот рид Kош се гледала целата долина и самата железничка станица во Демир Kапија. Таму бил поставен стражар, кој имал задача да ги извести минерите за тргнувањето на возот од демиркаписката станица пукјќи со пушка. Но, фитиљот на динамитот и овој пат не бил запален оти стражарот се успал под едно дрво, бидејќи бил малку поднапиен. Паднала одлука да се минира следниот воз и тогаш акцијата била успешна - се сеќава Тасев на секој збор од стариот.

По ова следувало стрелањето во Бесвица и Прждево. Среќа во несреќа било што дел од населението веќе било евакуирано.

Добрата душа на германскиот војник

Германците прво им ги запалиле куќите на прждевци што ги затекнале во селото, а потоа ги однеле на стрелање близу селското училиште, кај чешмата Бурга.

- Ми раскажуваа дека кога селаните биле наредени за стрелање, Германец, кој требало да пука, им спасил глава на неколкумина. Тој на Словенката Сирма, која во тоа време престојувала во селото и знаела германски, ~ рекол да им пренесе на тие што ќе успее дека тој најпрвин ќе пука над главите, ама тие да паднат како покосени и така да се спасат. Бил жаловит човекот, но рекол дека мора да пука, инаку и тој би се нашол во редот за стрелање. Благодарение на него, биле спасени неколку души - прераскажува Тасев, и нагласува дека овој дел од приказната со посебни емоции ја раскажувал негов постар соселанец.

Го раскажува и сведочењето на еден од тие што куртулиле од стрелањето.

- Тој на почетокот од пукањето паднал на земјата, а врз него паднале други луѓе и така потскриен малку, успеал да се спаси. Во еден момент го облеала крвта на убиените соселани. Преплашен да не биде откриен, повторно слушнал истрели со кои германски офицер ги дотепувал тие за кои мислел дека се с` уште живи. Почувствувал силна болка во колкот. Откако заминале Германците, дошле неколку жени и ги извлекле преживеаните. Инаку, брат на дедо ми, бил прв во редот и прв погоден од куршум. Многу жалеше мојот дедо по него - прераскажа Тасев.

Германци признавале дека војуваат под присила

Пред овој настан прждевци немале посебни проблеми со германските војници. Тие честопати доаѓале во селото и престојувале во селското училиште.

- Понекогаш некои од нив им кажувале дека и самите потекнуваат од село и оти имаат фамилија дома, дека под присила дошле да војуваат. Се случувало дури и да помагаат во земјоделските работи, во жетвата - вели Тасев.

Но, тој пренесува и поинакви кажувања од постарите.

- Еднаш, некои од селаните се договориле со партизаните да ги опијат Германците што биле во селото. Прждевци, кои надалеку важат за пијачи, испратиле неколкумина на заедничка пијанка со германските војници. Откако ги опиле, ги убиле. Тогаш немало одмазда оти германски офицер констатирал дека неговите војници не се придржувале кон редот во војската и се испијаниле - прераскажува нашиот соговорник.

Пишува: Светлана Дарудова
Извор: ДНЕВНИК

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП