Wednesday, October 28, 2015

ЗАВРШИ ИЗГРАДБАТА НА ПЕТТЕ МАЛИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ НА СИСТЕМОТ „БОШАВА“


Извршена е комплетна реконструкција на постоечкиот канал од хидросистемот „Бошава” кој се „храни” со вода од истоимената река и изградени се пет мали хидроцентрали кои имаа пробно работење. Свеченото пуштање на централите во погон е закажано за во четврток.

„Водостопанство „Тиквеш” преку јавно приватно партнерство со словенечкиот партнер, приватната фирма „Турбоинштитут”, потпишаа договор за јавно приватно партнерство за реконструкција на хидросистемот „Бошава” и изградба на пет мали централи со максимална инсталирана моќност од 11 мегавати, како и доведување на нова количина на вода за пиење за градот Кавадарци. Со овие нови количини на вода, трајно ќе се реши прашањето со вода за пиење во наредните 30 години за Кавадарци и Росоман - објасни Љубе Димов, директор на водостопанство „Тиквеш”.

Димов кажа дека годишно овие централи, зависно од хидрологијата, ќе произведуваат околу 33 милиони киловат часови електрична енергија.

„Со ова ќе се подобри енегетскиот потенцијал на самата држава, а многу е значајно што станува збор за обновлив извор на енергија. Програмата на Владата има зацртано да се градат вакви централи на вода и сончеви колектори, а со новите количини на електрична енергија ќе се зголеми и енергетската ефикасност на самата држава“ - нагласи тој.

Со изградбата на централите, додаде тој, ќе се овозможи и добра финансиска конструкција и за самото „Водостопанство” како и за приватниот партнер. Изградена е и нова каналска мрежа и цевководи до самите централи.

Димов кажа дека инвестицијата е на словенечкиот партнер, а во целиот проект вложени биле од 18 до 20 милиони евра.

- Ние ги обезбедивме водостопанска дозвола и постоечката каналска инфраструктура, а тие ги изградија централите и извршија комплетна реконструкција на каналите за наводнување, со што се добија и поголеми количини на вода за наводнување. На 27 години на експлоатација на централите, ние имаме процент од наплатата на струјата. Тој процент ќе варира низ годините. Првично, на годишно ниво, „Водостопанство” би имало приход од 150 до 200 илјади евра. После 27 години, целата инвестиција останува во наша сопственост - објасни директорот на „Тиквеш”.

Димов нагласи дека е ова пример за успешно јавно приватно партнерство. „Први почнавме вакво нешто на ниво на држава и сево ова се покажа како добра работа“ - рече Димов.

Пишува: Светлана Дарудова

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП