Осум ученици од кавадаречкото основно училиште „Тошо Велков Пепето“ денеска заминаа на интеркултурна размена во детското село Песталоци, во Троген, Швајцарија, во рамки на проектот „Имплементација на Конвенцијата на правата на детето во Македонија“.
Заедно со учениците од Кавадарци, во Троген ќе патуваат и ученици од основни училишта од Прилеп, Тетово, Дебар и Куманово, во кои исто така се спроведува овој проект.
– Станува збор за проект кој во последните пет години го реализира здружението на граѓани „Зона“ од Кавадарци, како основна членка на коалицијата на младински организации „Сега“, информираше Даниел Уневски од „Зона“, координатор на проектот во Кавадарци.
Уневски нагласи дека во Кавадарци, проектот се спроведува во гимназијата „Добри Даскалов“ и основното училиште „Тошо Велков Пепето“ .
– Целта на размената e децата од различни култури и нации да се здобијат со знаења, вештини и способности, во делот на правата на децата, разбирање, почитување, свесност, одговорност и многу други позитивни одлики, додаде Уневски.
Покрај патувањето во Троген, во рамки на проектот „Имплементација на Конвенцијата на правата на детето во Македонија“ во овој период во двете училишта се спроведува демократски избор на претседатели на класови, по чие завршување ќе следи и избор на претседател на ученичката заедница, а во исто време ќе се бираат и новите „Деца правобранители“ и нивните заменици.
0 comments:
Post a Comment