Friday, September 18, 2015

ИНТЕРВЈУ СО ЛЕГЕНДАРНИОТ ТВ ВОДИТЕЛ ОЛИВЕР МЛАКАР - НИ КАРАПАНЏА НЕ МЕ НАУЧИ ДА ГОТВАМ

Оливер Млакар (80) беше специјален гостин на регионалната гастрономска конференција "Храната зборува 2015", која вчера се одржа на Матка во Скопје, а ја организираше "Колор прес груп". Легендарниот хрватски водител, чија кариера ја обележаа квизот "Квискотека" и кулинарското шоу "Малите тајни на големите мајстори на кујната", вели дека сe уште на улица луѓето по него довикуваат "Еј, Вегета" или "Еј, Квиско".


Елегантен, пријатен за муабет и духовит, Млакар и во осумдесеттата година е многу сличен како во времето кога го креваше капакот на црвеното тенџере за да почувствува како мириса јадењето на Карапанџа. Многумина од гостите чекаа на ред да се сликаат со легендарниот Млакар. "Знаете како е во Далмација. На туристите им се интересни магарињата, па се сликаат со нив. Јас за себе си велам дека сум како тоа магаре. Магарето останува, само туристите се менуваат крај него", низ смеење ни рече Млакар пред интервјуто.

Кога е снимена последната емисија од "Малите тајни на големите мајстори"?

- Во 1990 година со Стево ја снимивме последната епизода. Потоа, во 2009 година снимив специјална роденденска емисија по повод 50 години од шоуто. Потоа сосема се повлеков од телевизиската работа, се изморив. Со мојата сопруга Дуња живееме на село, на 20 километри од Загреб. Имаме бавча и чуваме кучиња од расата шнауцер. Имаме десет шнауцери дома, и голема пасија ни се изложбите низ цела Европа. За две недели одиме во Виена, потоа во Диселдорф. Ќе земеме две кучиња, палиме автомобил и тргнуваме низ Европа. Мирот на село ми годи, но кога ќе се научиш на динамичен живот, патувањата мора да се дел од него.

Што научивте да готвите од Стево Карапанџа и, воопшто, од него како човек?

- Научив многу важна работа. Како виршлите да не се кршат додека се варат. А знаете ли со која финта? Така што ќе ги извадите од тенџерето пред сосема да се сварат, ха ха ха, се шегувам. Не сум јас некој талентиран готвач, едноставно, не ме бидува. Не сум ни голем гурман. Но од Стево како човек научив да бидам многу педантен, и во животот, и во домот, во кујната.


Снимивте повратничка серија емисии на "Квискотека" во 2006 и во 2007 година. Колку беа слични, а колку различни од онаа стара "Квискотека" која ја водевте од 1984 до 1995 година, и ги следите ли денешниве квизови?

"Квискотека", пред сe, беше квиз на знаење, луѓето не се пријавуваа за да добијат милиони туку за да покажат знаење. Имаше и тогаш вредни награди како, на пример, учење англиски јазик во Лондон. Денешниве квизови имаат прашања во стилот: која река тече под мостот на Сава? И оп, добиваш милион ! Новата "Квискотека" која ја снимавме, во продукцискиот дел беше многу послаба. Приватните телевизии и продукции денес со помалку пари сакаат да направат погледан проект. Сега квалитетот не е важен за да се постигне гледаност, важни се рекламите кои ќе се емитуваат во текот на квизот. Затоа тој нов проект не траеше повеќе од една година. За време на старата "Квискотека", секој четврток во 21 часот улиците низ цела Југославија беа празни.

Дали повторно сте се сретнале со некој до учесниците што се бореа за маскотата Квиско?

Да, пред неколку години бев во Белград, на гости во емисијата на Иван Ивановиќ. Убаво од него што се сетил да покани еден од победниците. Името не му го паметам, се презива Марковиќ. Таму се сретнавме и евоциравме спомени.

Сега, претпоставувам, живеете од пензијата, но сe уште ве ангажираат за разни проекти и реклами?

- Ах, кога би живеел од пензијата, би умреле од глад. Убаво е што уште се сеќаваат на мене, па ете, ме канат на оваа конференција, на која сум бил и претходно кога се одржуваше низ регионот. Ме викаат и за снимање на реклами и рекламни кампањи. Пред неколку години бев дел од еден кус проект за рецепти на вашата телевизија "Канал 5".

Следите ли "Евросонг" денес? По што ќе ја паметите колешката Хелга Влаховиќ?

- Таа беше прекрасна колешка, многу трпелива и подготвена секому да помогне. Лут сум што го загубив и Миќа Орловиќ, бевме големи другари, а нe сметаа за конкуренција. "Евросонг" не следам. Порано тоа беше фестивал на најдобрите пејачи, сега не личи на ништо.

Вистина ли е дека вашите деца сте ги советувале да не се занимаваат со телевизиска работа?

- Им реков секој да си избере што му лежи. Мојата помала ќерка живее во Англија, докторираше археологија на Кембриџ, и се омажи за Англичанец. Постарата ќерка Ива, со сопругот имаат свој приватен бизнис во Загреб. Имам и внук Матко, него го влече кошарката.

М. Џаровска

Извор: www.vest.mk

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП