49 годишниот Борче Атанасов, лице со посебни потреби, со патерици се вклучи во меѓународните трки во трчање кои вчера попладне беа организирани во Кавадарци и стана херој на денот зашто на многумина им покажа како со рекреација треба да се замени прекумерното седење пред компјутер. Тој беше дел од патеката од 3 километри.
- За прв пат сум на ваква трка, многу сакав да учествувам. Имам проблеми со ногата но можам да одам брзо. Само јас бев со штаки тука. Многу сум среќен и горд што стигнав до целта-изјави тој.
Тој и уште петмина други лица со посебни потреби од неготинска “Порака”, како и еден волонтер од странство, беа дел од трките и од трикилометарската патека.
Елизабета Ристова, координатор од “Порака” Неготино, вели дека останатите нивни корисници кои беа вклучени во трките немаат телесен хендикеп но Борче имаше подобра кондиција од двајца од нив.
- Сите беа бодрени од волонетрот Брајан Фицпатрик од мировниот конкурс - кажа таа.
Кавадаречкото младинско здружение “Креактив” во соработка со бизнис секторот од општина Кавадарци и поддршка од локалната самоуправа, организираше меѓународни трки под мотото „Born to run“. Беа реализирани четири рути на трчање со различна должина, од еден до 10 километри.
- На трките покрај тиквешани и натпреварувачи од цела Македонија, учествуваа и гости од Белгија и Обединетото кралство, Велс, Естонија, Литванија и други европски земји, како и од САД. Силите во трчање си ги одмерија осумдесет лица, меќу кои и 4 лица со посебни потреби од неготинска “Порака”. Најмалата патека за трчање беше всушност од забавен карактер за деца до 10 годишна возраст, рече Елена Данова, асистент координатор во “Креактив”.
На „Кавадарци трки 2015“ , нагласи Данова, се трчаше без разлика на возраста и националноста.
- Целта е да се вратат трките во трчање во Кавадарци, додаде таа.
За победниците беа обезбедени медали и награди, а за сите присутни на настанот беше организирана и богата културно уметничка програма.
Со триумфот на трката на 1 километар, кавадарчанецот Мартин Тодоров успеа да ја наруши скопската доминација во остантите трки. Тодоров зад себе ги остави своите сограѓани Стојанче Димков и Петар Петров. На трката на 3 километри триумфираше Дарио Ивановски од Скопје, зад него на целта пристигна Богдан Ристовски исто така од Скопје, а трет заврши Филип Ризов од Кавадарци. Скопјанецот Пепи Анакиев беше најбрз на трката на 5 километри, на која пласман на подиумот обезбедија и Игор Цветановски од Скопје и Ангел Станков од Неготино, додека на 10 километри први до целта стигнаа Игор Јакимовски од Скопје, Даниел Џон Картер од Велс и Стеван Ристов од Кавадарци.
(С.Д.)
0 comments:
Post a Comment