Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска ги посети
семејствата од Кавадарци чии куќи пред неколку месеци ги зафати пожар во
кој шест семејства имаа значително оштетување на нивните домови.
Како резултат на заедничката акција на општина Кавадардци и бизнис заедницата, односно регионалната Стопанска комора и со финансиска поддршка од Центарот за социјални работи и Министерството за труд и социјална политика се обезбедија околу 30.000 евра за целосна реконструкција на трите куќи во кои што живеат шестте семејства.
- Последиците од пожарот се целосно санирани и слободно можам да кажам дека овие семејства може да имаат комотен и удобен живот. Ги надминавме последиците од ужасниот пожар и навистина е големо задоволството што сега имаат солидни услови за живот, рече Спасов.
Нагласи дека во соработка со општина Кавадарци ќе прдоложат со реализација на низа проекти, за во наредниот период да се адаптираат за детски градинки и за старски домови одредени објекти во градот кои се слободни.
Градоначалникот Александар Панов појасни дека локалната самоуправа и бизнис секторот раководен од претседателот на регионалната стопанска комора, Митко Јанчев со свој придонес обезбедиле нормални услови за живеење на овие семејства.
Министерот Спасов, градоначалникот Панов и пратеничката Весна Пемова, денеска го посетија и Дневниот центар за превенција од зависности кој е заедничка инвестиција на Министерството за труд и социјална политика и општина Кавадарци во износ од околу 1,5 милиони денари.
- Се работи за целосно реконструиран и опремен објект кој ќе врши психосоцијална поддршка на семејствата и на корисниците на овој дневен центар преку индивидуална и тимска работа, како и работен третман и поддршка од страна на психолог и социјален работник, објасни министерот Спасов.
0 comments:
Post a Comment