Од почетокот на годината досега во земјава се откриени приближно 600 случаи на кражби на електрична енергија при што 96% од нив се од страна на домаќинствата и 4 проценти бизнис корисници.
Најмногу кражби во категоријата домаќинства се откриени во Прилеп и Скопје, приближно 100, а во Тетово, Куманово, Скопје, Кавадарци и Битола се откриени и повеќе случаи на кражби кај бизнис корисниците.
Од вкупниот број на регистрирани случаи за изминативе неколку години за 741 случај се поднесени кривични пријави до ОЈО додека останатите се процесуирани по пријава од страна на МВР. Врз основа на новите законски прописи, регистрирани се 14 случаи во кои е изречена затворска казна.
Како што информираат од ЕВН-Македонија во однос на минатите години се
забележува намалување на бројот на кражбите, бидејќи лани биле регистрирани над 1.200 случаи на кражби, а претходната 2013 година 1.800 кражби на струја.
-Штетата во пари е огромна како за компанијата така и за државата која е покуса во буџетот за средства по основ на ДДВ кој не може да се пресмета на нефактурирани поточно украдени киловат-часови. Но најголемата штета ја трпи дистрибутивната мрежа и корисниците кои се во близина на кражбите, бидејќи најчесто каде што има кражбни има и пожари и големи материјални штети и за мрежата и за корисниците - објаснуваат од дистрибутивната компанија.
Тие нагласуваат дека, сепак, најопасно е што се загрозени животите и на оние кои ја вршат кражбата, нивните семејства и роднини, како и нивните соседи.
Токму затоа измените во Кривичниот законик и ангажманот на екипите на ЕВН-Македонија и полицијата придонесоа да се намали бројот на кражбите. Големите пресметки за неовластено користење на електрична енергија, високите парични, но и затворски казни го направија своето, а бројот на кражбите од година во година се намалува.
-Но процентот на кражби се уште се проблем за дистрибутивната мрежа и корисниците. Кражбите се дел од вкупните загуби на електрична енергија, но не се мерат и не се евидентираат одделно. Имено, вкупните загуби се пресметуваат како разлика помеѓу влезна и излезна енергија во дистрибутивниот систем - укажуваат од ЕВН-Македонија.
Според нив, вкупните загуби на електрична енергија се намалуваат во текот на претходните години. Така лани тие се намалени за 15,5%, во 2013-та за 16,4%, а во 2012 година за 17,4%.
Намалување е забележано и во 2011 година за 18,5%, што се должи на работата на ЕВН-Македонија во две насоки: во реконструирање на старата дистрибутивна мрежа и изградба на нова и вложувањето максимални напори за откривање на кражбите на електрична енергија.
За потсетување, Регулаторна комисија за енергетика признава 14% од загубите на електрична енергија на компанијата.
Како дел од мерките за намалување на кражбите се и новата софистицирана опрема за откривање на кражбите, полицијата, измените во Кривичниот законик, големите парични казни и затворски, како и ангажираноста на екипите на ЕВН-Македонија исто така помогнаа во намалување на кражбите.
Сепак, за нивно целосно сузбивање треба да се работи уште поинтензивно за да може да се намалат кражбите оти тие се една од најголемите закани за стабилноста на напонот и воопшто за сигурноста во снабдувањето.
-Најчесто онаму каде што има кражби најчесто се јавува пад на напонот, бидејќи тие не користат колку што им треба електрична енергија туку кога не ја плаќаат ја крадат трошат и колку што сакаат - велат од ЕВН-Македонија.
(В.Ма.)
0 comments:
Post a Comment