Двајцата кавадарчани кои го украдоа мајмунчето Лука од неговиот кафез во скопската Зоолошка градина, се со криминално досие.
Против 26-годишната И.П.А. полицијата досега има поднесено две кривични пријави. Едната за тешка кражба, а другата за кражба, додека пак против нејзиниот пријател 31-годишниот С.Н. се поднесени дури 33 кривични пријави. Најголемиот дел од поднесените пријави се за тешки кражби и кражби, но тој треба да одговара и за трговија со дрога, за одземање на моторно возило и за компјутерски криминал.
Двајцата откако неколку часа по кражбата биле приведени во полиција признале дека го украле мајмунчето. Во изјавата И.ПА. објаснила дека тоа го сториле за да го израдуваат нејзиното синче кое било глувонемо.
"Кога и да отидевме во зоолошката градина детето единствено се радуваше на мајмунчето. Бидејќи ништо не му купив за неговиот роденден кој му беше во април ,а знаејќи дека најмногу ќе се радува на мајмунчето одлучив да го украдам", изјави за вчерашен "Дневник" кавадарчанката.
Кражбата добро ја испланирале. Со такси возило пристигнале во Скопје. Откако како посетители влегле во Зоолошката градина веднаш се упатиле кон кафезот со мајмуни. Со ножици ја исекле металната жица и успеале да го земат мајмунчето . Откако го ставиле во вреќа со трчање ја напуштиле зоолошката градина, но биле снимени од безбедносните камери и од посетителите кои одма ја алармирале полицијата. Околу 21 часот И П.А. и нејзиниот пријател биле уапсени по што мајмунчето Лука било вратено во Зоолошката градина.
Како што дознаваме И.Б.А. е самохрана мајка на две малолетни деца. Едното машкото кое е на возраст од седум години е глувонемо и посетувало настава во специјално училиште во Битола, додека керкичката била со неа.
Оваа несекојдневна кражба е во рацете на скопската полиција, која по целосното документирање на случајот против двајцата ќе поднесе кривична пријава. (П.А.Л.)
0 comments:
Post a Comment