Saturday, January 23, 2016

ПЛАНИНАРОТ ОД КАВАДАРЦИ ИЛИЈА БЕЛЕВСKИ СЕ ИСKАЧИ НА KИЛИМАНЏАРО


Неколкумина Mакедонци, меѓу кои и кавадарчанецот Илија Белевски, се искачија на врвот Ухуру висок 5.895 метри надморска височина на планината Kилиманџаро, највисокиот врв во Африка и еден од седумте највисоки светски врвови. Акцијата траела 5 дена од патеката Марангу. Самото искачување од последниот камп на 4.270 метри надморска височина до врвот траело 8 часа.



- Беше многу студено, посебно кога тргнавме ноќта во 12 на полноќ кон врвот, иако во овој период нема екстремни температури. Овде врне дожд до 5.000 метри надморска височина, а нагоре снег, ама на врвот е суво. Додека одевме, постојано врнеше дожд и накиснавме нагоре, ете тоа може да се потенцира - ни раскажа Беловски додавајќи дека носачите и водичите-Африканци биле силни и издржливи луѓе.
Според него, некои од нив се качија со патики на врвот во такви специфични услови.

- Љубезни се и подготвени за помош во секој момент. Пееја африкански песни ноќта додека се качувавме за да ни го подигнат моралот и да не држат цврсти и мотивирани - вели кавадарчанецот.

Од Белевски дознавме дека во акцијата учествувале 16 луѓе, повеќето од Македонија и Албанија, како и по еден од Србија и Австрија. Организацијата била на Балканската планинарска федерација и Федерацијата на планинарските спортови на Македонија. Вели дека меѓу оние што се качувале имало и жени.

- Во акцијата учествуваат четири жени. Највозрасната, Kатица Борисовска, има 62 години. Има уште една Македонка и две жени помлади од Албанија - објасни Белевски.

Со Белевски комунициравме преку социјалните мрежи бидејќи тој се уште беше во Африка и само што се симнале од планината. 


Веруваме дека има многу да раскажува за неверојатното доживување кое е сон на многумина планинари во светот, но нередовниот пристап до интернет ја ограничи нашата комуникација.

Ако врне, си благословен, ако е сончево, тогаш си среќен

Ако врне, тогаш си благословен, а ако е сончево, тогаш си среќен. Оваа изрека ја имале Африканците додека се качувале на планината, ни кажа Белевски.

- Ние се шегувавме цело време дека сме многу благословени, ама без среќа - нагласи тој.

Белевски вели дека е прв кавадарчанец на Kилиманџаро додавајќи дека нема планинар кој не посакува еден ден да се качи на врвот Ухуру на Kилиманџаро. За сите нив тоа претставува предизвик и голем подвиг. Тие што најдобро го познаваат Белевски, велат дека е тој првиот кавадарчанец кој стапнал таму и дека во иднина од него треба да очекуваме уште многу вакви и слични пријатни изненадувања.

Пишува: Светлана Дарудова
Извор: ДНЕВНИК

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП