Се раскажува и денес: името Тиквеш и Тиквешија не им е непознато на сите кои ги интересира историјата. Зад тоа име се крие една голема област во Централна Македонија пресечена од двете историски реки Вардар и Црна – и со чисто македонско население и Помаци – насилно потурчени пред 350 години.
Тоа население живее во два града – Кавадарци и Неготино и во 96 села. Град со име Тиквеш нема. Тој постоел пред доаѓањето на Турците и според легендата Тиквеш бил освоен по три месеци откако било покорено целото Западно царство. Тиквеш бил утврден со ѕидови и кули, чии остатоци постојат и денес. При навлегувањето на Турците, Тиквешани се бореле дури до Јуручка планина близу до градот Радовиш. Но, откако биле разбиени од силната турска армија, војската која останала се вратила во тврдината Тиквеш и оттаму ги одбивала сите турски напади.
Со големи воени сили Турците го опколиле градот Тиквеш и одвреме-навреме испраќале преговарачи за да ги повикаат Тиквешани да се предадат. На тие предлози Тиквешани одговарале со презир и со оружје. За да ги залажат Турците Тиквешани на големи струења на ветерот поставиле тапани, така што од ветерот тапаните биеле и на тој начин кај Турците се создавал впечаток дека Тиквешани и дење и ноќе се веселат и не планираат да се предадат. Во таква состојба Тиквеш се наоѓал повеќе од три месеци. Тапаните непрестано биеле, а за тоа време населението умирало од глад.
На крај преживеаната баба Ружа им ја отворила една од помалите врати на градот и им го предала на Турците, убедувајќи ги дека во градот нема жива душа освен неа. Бесни и навредени од итроста на Тиквешани Турците навлегуваат во Тиквеш, грабаат се што е вредно, а градот го палат и тој гори до темел.
Населението од другите села, откако разбрале дека баба Ружа го предала градот за да и се одмаздат и да ја исмеат и го дале прекарот Бружа. Заклучокот од таа легенда која се пренесувала од поколение на поколение е дека ако не беше предавството на Ружа-Бружа, градот Тиквеш ќе се зачуваше до денес и тапаните до ден денешен ќе биеја...
На северниот крај на градот Тиквеш се наоѓало селото Брушани, кое по традицијата името го добило од баба Бружа, која била погребана на местото каде што е сега селото. Градот Тиквеш веќе не постои, но сега името Тиквешија го носи целиот тој крај.
Од книгата „Вистински приказни за вечни сеќавања, Кавадарци 1900-1945“ од Зорка Тодорова Младеновиќ, Кавадарци, 2010.
Подготви: Марко Китевски
0 comments:
Post a Comment