Saturday, November 21, 2015

ГРАН ПРИ ЗА „ШАРДОНЕТО “ НА БЛАШКО ТАСЕВ ОД СЕЛО СОПОТ


Виното од сортата “шардоне” на Блашко Тасев од кавадаречкото село Сопот доби “Гран при” на натпреварот за најдобро младо вино произведено од домашни производители, кој го организираше Здружението на винари од Македонија.


Во категорија на бели вина за најдобро беше прогласено виното од истата сорта, произведено од кавадарчанецот Сашо Тасев. Смедеревката на кавадарчанецот Ацо Милошев го освои второто место, а ризлингот на Влатко Митровски од Сопот, третото.

Од црвените сорти на вина, со најмногу поени беше оценет вранецот на Душан Наумоски од Македонски Брод, второпласирано е виното добиено од “каберне” и “вранец” на Ристо Миовски од Скопје а трет беше Бранко Вељанов од Негоитино.

Овој натпревар се организира по втор пат, во рамките на манифестацијата божоле нуво, посветена на младото вино. Вината ги дегустираше и оценуваше стручна комисија, во просториите на Земјоделскиот факултет во Кавадарци. 

- Добивме мошне квалитетни вина, бројката на мостри е многу поголема од претходната година, рече Игно Тасев, претседател на Здружението.

Потпретседателот Елена Богева вели дека манифестацијата е наменета токму за домашните призводители, затоа што во секој од нив се крие по некој добар мајстор на овој божествен пијалок.

- Некои по традиција која ја пренесуваат низ генерации, некои со помодерни технологии, сепак се мајстори кои срамежливо умешноста ја претвараат во прекрасно вино . Ова може да биде и поттик за некој од нив да стане сопственик на фамилијарна винарија. Секое хоби може да премине во сопствен бизнис, додаде таа.

Пишува: Марјан Димитров

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП