Во петок, на 3 јуни 2016 година, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов - Климе“ Кавадарци, ќе биде отворена Ретроспективна изложба на ликовните уметници, татко и син Мирослав Мишо Вељковиќ и Урош Вељковиќ, по повод 45 години ликовно творештво на Мишо и 15 години ликовно творештво на Урош. Ова е еден од ликовните настани кои ќе ја одбележат 2016 во Кавадарци.
Мирослав Мишо Вељковиќ е роден 1953 година. Завршил Училиште за применета уметност, а потоа и Педагошка академија во класата на проф. Ристо Калчевски. Работел како дизајнер во “Алкалоид“ и А.Д. “Комуна“. Член е на ДЛУМ од 1986 година. Има одржано повеќе самостојни изложби како и учество на десетици групни изложби во Македонија и странство, а учествувал на повеќе ликовни колонии низ Балаканот.
Урош Вељковиќ е роден 1981 година. Завршил средно уметничко училиште “Лазар Личеноски“ Скопје отсек графика во класата на проф. Ѓорѓи Чулаковски Ѓото. Факултет за ликовни уметност Скопје отсек графика со графички техники и графички дизајн, завршил во класата на проф. Костадин Танчев Динка. Одржал повеќе самостојни изложби, а учествувал на групни изложби низ целиот свет., како и на неколку балкански ликовни колонии. Во 2010 добитник е на годишната награда “Петар Мазев“ за сликарство на Годишна изложба на ДЛУМ. Работи како дизајнер во студио за дизајн, печат и издаваштво.
Како што ќе рече Горјан Ѓорѓиев по повод оваа ретроспективна изложба:
“Во делата на Мишо се е подредено на неговиот внатрешен свет, неговата агресија, бес, очај, неговата душа или во крајни црти на неговата животна приказна. Мишо се окупирал со нешта што повеќето луѓе го избегнуваат, без разлика дали се уметници или не. Тој ја има тенденцијата за опис на она што во него е затрупано или бетонирано, заклучано со големи рѓосани катанци. Светот во овие слики е како џиновска утроба во која непрекидно се случува раѓање, во тој свет се плови на мистични и недефинирани облаци.“
“Урош - горопадниот син - бунтовник, музичар, графичар, сликар кој сака да ги тргне „камењата„ од нивниот инерциски пат. Да им даде по секоја цена своја траекторија на таа тврдата и тешка маса која има тенденција да го згмечи во стандарден калап. Сликите се подредени на неговата агресија, бес, разулавен ритам на фигури и линии кој по секоја цена ќе се наметнат на публиката. Тешко и крајно неблагодарно е да се нагаѓа за размислата на уметникот додека го твори делото а уште потешко да насети што уметникот во тој момент чувствува.“
0 comments:
Post a Comment