Дознаваме дека градоначалникот на Кавадарци Александар Панов планира да ја смени локацијата на мерната станица во Кавадарци, за што ќе се побара дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.
- Сметаме дека со самата промена на локацијата ќе можеме да утврдиме дали загадувањето доаѓа од камионите кои масовно поминуваат крај сегашната лоцираност на станицата, или причина за него е чадот кој излегува од греењето во домаќинствата. И што е најважно, ќе можеме да увидеме и какво е влијанието врз загадувањето на одделни индустриски објекти во градот-рече Панов.
Тој вели дека на овој проблем веќе подолго време се работи и со Министерството за транспорт и врски.
- Бараме тешките товарни возила кои не само што загадуваат ами и ни ги оштетуваат патиштата, да не се движат по локалните патишта туку да заобиколуваат и да транзитираат по регионални и магистрални патишта и автопати. Тие ни прават повеќекратна штета. Министерството веќе работи на проект кој откако ќе помине на Влада, ќе се донесе одлука која ќе ја изрегулира оваа проблематика-категоричен беше градоначалникот.
Инаку со дислоцирањето на Станицата во која се врши мерење на загадувачките супстанции: O3, NO2, SO2, CO и PM10, на друго место во самиот град, ќе се добие пореална слика за тоа дали и колку загадуваат со греењето самите граѓани или во прашање е друг загадувач.
Пишува: Марјан Димитров
0 comments:
Post a Comment