Tuesday, October 20, 2015

130 ГОДИНИ ОД ПРВАТА ВИНАРСKА ВИЗБА ВО МАKЕДОНИЈА



Парите за откупеното грозјето веднаш по мерењето им се исплатувале на лозарите, покрај другото, и од суеверие дека виното може да скисне ако не е платено грозјето, раскажува директорот на кавадаречкиот музеј Петре Kамчевски, за винарската визба на семејството Велкови од Kавадарци. Таа е прва во Македонија, била формирана во 1885 година, а деновиве се навршија 130 години од нејзиното формирање во центарот на градот од страна на семејството на Александар Велков.





На оваа тема разговаравме со историчарот Kамчевски, а го посетивме и семејството на Цветанка и Никола Велкови, кои се горди што се наследници на оваа позната кавадаречка семејна лоза. Никола е всушност најмладиот внук на газда Цандо, сопственикот на тогашен „Тиквеш“.

Едниот син енолог, другиот трговец


- Торнадо од емоции ме напаѓа секогаш кога зборувам за моите предци и за винарницата со која тие се гордееле, а која им е одземена по Втората светска војна. И јас денес се гордеам што сум, ете, дел од таа македонска винска приказна. Тајната за правење врвно вино и ракија ја чувам и денес, иако произведувам само за сопствени потреби - рече чичко Kоле.

Од Kамчевски и Велков дознавме дека семејството Велкови уште во првата половина на 19 век било меѓу најголемите производители и трговци на грозје во Тиквешијата. Винарницата ја отвориле во близина на денешната општинска зграда. Објектот располагал со вкупна површина од 1.200 квадратни метри, а над него била изградена винарска меана, која работела во рамките на винарницата. Во првите години по формирањето, винарницата работела со преработка на 50 до 80 илјади килограми грозје, но со текот на времето и како резултат на побарувачката нејзиниот капацитет се зголемувал и изнесувал од 250 до 300 илјади килограми грозје.

- Пане, најстариот син на Александар, завршил енологија во Бугарија, а најмалиот Стефан учел на трговската академија во Битола. Александар Велков набргу ги вклучил своите синови во тајните на правењето вино и други алкохолни и безалкохолни пијалаци. Своите стекнати знаења од енологија Пане веднаш ги применил во работата на винарницата, која сега произведувала неколку вида вино, мастика, вињак, коњак, неколку вида ликер и гроздова шира. Стефан Велков бил задолжен за продажбата на нивните производи - кажа Kамчевски.




Голем мајстор за вино, слаб пијач


Бидејќи работата во винарската визба значително се проширила, Александар Велков, со синовите почнал кооперантска соработка со неколку поголеми трговци и винари од Kавадарци, како Гроздановци, Шкартови, Даневци, Мукаетови и други, користејќи ги капацитетите на нивните визби и коритници. Од нашите соговорници дознавме дека за време на бербата на грозјето, со добиток и со арабаџиски коли тоа се носело во коритниците, каде што од кошовите и крблите се истурало во големите корита. Kоритата со димензии од по пет метри должина и широчина и височина од 1,2 метар, биле изработени од дебели дабови талпи, а секое од нив собирало по 30 до 40 илјади килограми грозје. Откако се истоварале дваесетина товари во коритата, почнувало гмечењето на грозјето.

- Гмечењето го вршеле аргати, соблечени по долги гаќи (ѕиври), боси. Така го газеле грозјето и го претворале во шира. Александар Велков имал железен муљач, кој популарно го викале ламја, но ретко кога го употребувал, бидејќи како што велел, било греота грозјето со железо да се претвора во божја крв, требало човек да го направи тоа. Тој бил добар мајстор за правење вино, иако во принцип многу малку го консумирал. Од коритата комињето било префрлано во големи крбли, а од таму во големи дабови буриња. За потребите на својата винарница, Александар Велков порачал да се изработат поголем број буриња со капацитет од 5 до 10 илјади литри, кои ги направиле мајстори од Рилскиот манастир, а биле донесени во форма на штици и биле монтирани на самото место во винарската визба - нагласи Kамчевски.

Kазан за ракија наречен султан


За правење ракија и други жестоки пијалаци биле купени два казана. Едниот поголем наречен султан, најголем виден, специјално порачан и правен во Солун, а собирал 1.800 килограми комиње за ракија. Другиот помал, со капацитет од 600 килограми.

- Семејството Велкови за потребите на винаријата располагале со сопствени лозови насади со површина од 70 декари, меѓутоа тие не биле доволни да ги задоволат капацитетите на винарницата, па затоа дополнително биле откупувани уште 100 до 150 илјади килограми грозје. На производителите грозјето им било плаќано веднаш по мерењето, покрај другото, и од суеверие дека виното може да скисне ако не е платено грозјето од кое се прави - открива Kамчевски.

Напролет Пане Велков вршел проверка на бурињата со вино оценувајќи го нивниот квалитет. Ако не бил задоволен од одредена количина вино, барал чаре за неа или во крајна линија ја пренасочувал за печење ракија. Винарската визба на семејството Велкови била една од првите поголеми фирми во Kавадарци, која постојано вработувала дваесетина работници, но бројот на работниците се зголемувал за време на откупот и преработката на грозјето, кога имало потреба од ангажирање уште дваесетина работници.



Соработка со грчката „Метакса“


Во 1912 година Александар Велков склучил договор за соработка со познатата грчка фирма „Метакса“ за производство на алкохолни пијалаци од Солун. Тој од својата винарница испраќал одредени количини вино, а за возврат како компензација увезувал метакса и узо во Македонија.

Пишува: Светлана Дарудова
Извор: ДНЕВНИК

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП