Sunday, September 20, 2015

СТОЈМИР СИМЈАНОСКИ: ВОНЗЕМЈАНИ СЛЕТУВААТ КАЈ ОХРИД, ШТИП, ЈАМА

негаторите ќе речат дека човекот има пребујна фантазија. но дали е фантазија тоа што во стоби е пронајдена ламба, со векови стара, а на која е нацртан човек со компјутер и скафандер, вели уфологот


Вонземјаните постојат, тие ја посетуваат Македонија, овде се, но уште не сакаат да се покажат и да стапат во контакт. Човековиот ум уште не е подготвен да го сфати начинот на кој тие се тука присутни, ниту да ги разбере законитостите што владеат во универзумот. Кој сака, нека верува во ова, кој не, нека не верува. Мојата задача е да го кажам тоа што го знам и да ги изнесам фактите кои науката уште не може да ги објасни. 

Ова го вели Стојмир Симјаноски, еден од најактивните и најпознати македонски уфолози, чии ставови, мислења, заклучоци во полето на потрагата по вонземски живот се забележани и во светската мрежа на уфолози.



Тој е воедно и автор на дела од областа на научната фантастика, во кои ги поврзува науката, духовноста, историјата и претпоставките за постоење вонземски цивилизации.

- Да се сфати суштината на НЛО, човек едноставно треба да живее со тој проблем и исклучително добро да ја познава астрономијата. Едно е мислење, став или претпоставка, друго се фактите. Ни еден закон досега не може да го негира постоењето на друг живот и цивилизација во вселената. Со кое право некој може да тврди дека ние сме сами? Зарем ќе се занесува со религиозен фанатизам дека човекот е круна? Не е така. Човекот е еден слабак на кого природата му дала само моќ да го приспособува телото и да создава услови за да преживее – вели Симјаноски.


Според неговите ставови, древните цивилизации и археолошките пронајдоци на светско ниво говорат дека на планетата Земја постоеле цивилизации и пред нашата, кои биле технолошки понапредни, но исчезнале или заминале од планетата.

- Погледнете како се распаѓаат нашите улици денес и погледнете некој древен град. Таму камењата стојат со векови и воопшто не се поместени. Тоа покажува дека досега можело да има повеќе цивилизации на планетата кои можеле да достигнат технолошки развој поголем од нашиот – вели Симјаноски.

Тој, меѓу другото, се повикува на толкувања за остатоците на древните цивилизации, како што се Инките и Маите.

- Сè уште немаме можност да чепкаме во главата на човекот, освен за отстранување тумор. Но, во Перу има стотици черепи на кои се гледа дека се вршени операции. Тоа укажува дека тие или имале сопствена технологија или ја имале позајмено, односно некој им ја кажал. Како да се објасни тоа. Според тоа, во минатото на Земјата постоеле цивилизации кои имале поголема моќ, поголеми сознанија и најверојатно биле и многу поразвиени и помудри – нагласува Симјаноски.
Симјаноски се држи и до т.н. Дрекова формула, за која вели дека покажува оти живот во вселената постои. Ако имаме десет на единаестти степен галаксии, вели Симјаноски, и ако во секоја галаксија во просек има по 200 милијарди ѕвезди, на секоја илјадита да има планетарен систем, тогаш замислете колкава ќе биде бројката на планетите. Десет на 23-ти степен.

- Прашање е кога ќе го откриеме вонземскиот живот, кога тоа ќе се потврди. Да се стигне до најблиската ѕвезда до нас, Алфа Кентаур, со брзина на светлината се потребни околу четири години. Но, со земјено вселенско летало, со 56.000 километри на час, патувањето дотаму би траело 175 години, односно повеќе од еден човечки живот. Тоа се несфатливи димензии и пропорции – истакнува уфологот.

Тој додава: „Проблем ни е да ги сфатиме зашто практикуваме три димензии, а живееме во повеќе димензии. Како човек да разбере дека некој во секое време може да нè посетува и дека од неговата желба ќе зависи дали ние го гледаме или не. Една бактерија можеме да ја видиме со микроскоп, но таа не може нас да нè види, ниту да нè сфати или прифати зашто ние за неа сме галаксија“.


За Македонија тврди дека, заедно со Ново Мексико и Бразилија, е една од трите точки на планетата кои се меѓу најпосетуваните од страна на вонземски цивилизации.

- Негаторите ќе речат дека човекот има пребујна фантазија. Но, дали е пребујна фантазија тоа што во наше Стоби е пронајдена ламба, со векови стара, а на која е нацртан човек со компјутер в раце и скафандер. Тој скафандер е сличен на скафандерите на астронаутите. Тоа точно покажува дека некој во минатото или знаел за скафандер или видел скафандер. Ако знаел, значи го имал, ако видел, значи дошол некој со скафандер – тврди Симјаноски.

Тој вели дека во земјава, места на кои најчесто се појавуваат вонземски летала се Охрид и Охридско, Исарот кај Штип, како и локалитетот Јама, кај Лазарополе.

Според Симјаноски, Македонија е интересна за посети како духовен центар и нагласува дека во земјава имало инвазија од вонземски летала во периодот на деведесеттите години од минатиот век. Тој набројува и примери во кои, како што тврди, овдешни жители имале средби со вонземјани.

- Првиот за кој имаме податоци дека имал средби со вонземјани е Александар Македонски. Прва жена од Македонија која контактирала со вонземјани е Синадинка Герасимовска од Добреновец. Тоа било во 1942 година. Прва жена вонземјанин која е забележана е во Јама, во 1957 година. Првпат оружје било употребено во деведесеттите години, кај Прентов мост, во близина на Охрид, каде што вонземјанин пукал во наш доктор за да се спречи контактот – тврди Симјаноски.

Вели дека и лично имал средба со вонземско летало. Тоа првпат се случило во 1957 година, во близина на селото Иванчиште, по што се заинтересирал за феноменот на НЛО.


- Имам храброст тоа што го мислам и што го знам да го кажам. Не ме интересира дали тој што чита ќе ми верува или не. Првата средба беше во младоста. Се враќавме од планина и седнавме да одмориме. Тогаш на оддалеченост од околу 200-300 метра видов нешто што секогаш ме збунува. Беше долго околу десет метри, некој вид тело, слично на ракета, со стабилизатори напред и назад. Предниот дел му беше осветлен, од долниот дел излегуваше пламен. Дојде до црквичката на селото, застана неколку секунди над неа, потоа полета во воздухот двесте метри, дојде над ридот, брзо се сврти на север, по што се растегна во светлечка линија и исчезна – раскажува Симјаноски.

Додава дека слична средба имал и во времето кога работел како наставник во Извор. На висина од околу 500 метри, како што вели, имало необична летачка појава, која ја виделе повеќе луѓе.

- Ми личеше на пирамида, а другите рекоа дека е призма. Преку двоглед се виде дека е стаклесто тело, а на рабовите имаше разлевање на боите. Ја смени формата и почна да се движи, прво во една насока, па во друга. Го гледавме околу 30 минути. По некое време дојде објаснување дека било метеоролошки балон. Но, како е можно на толкава висина балон да се движи спроти ветрот, кој тогаш беше силен – нагласува уфологот.

Вели дека и на 30 септември 1991 година над Кичево, градот во кој живее, се појавила цела формација од НЛО, кои биле во различни бои и летале на висина од околу 500 метри. Како што тврди, луѓе посведочиле за тој настан, а биле направени и снимки од страна на полицијата, но сè уште не успеал да дојде до нив. Вели дека исти такви формации тој период биле регистрирани и над Египет, Грција, Бугарија, Романија и Украина.

Како што објаснува нашиот уфолог, во светската мрежа на уфолози постојат кодекси кои треба да се почитуваат при евентуална средба со претставник од вонземска цивилизација. Правилата се такви што упатуваат на тоа да не се предизвикува инцидент, кој би бил погубен.

- Тоа е правило кое повеќе е за заштита на планетата, да не се предизвика каков било конфликт. Инцидентите со вонземјаните би биле катастрофални. Фактите што досега ги имаме укажуваат дека тие ги избегнуваат умешно таквите инциденти. Воедно секој уфолог има задача да го шири како вистина тоа што го искусил, видел или открил во врска со вонземските цивилизации – нагласува Симјаноски.

Сепак, тој вели дека нема потреба за стравување при средба со битија од друга планета. Не верува дека тие би биле насилни кон човечкиот род, особено зашто се интересираат од духовните придобивки на човештвото.


- Точно се знае зошто се појавуваа во Охрид. Нема друг град каде што можат да се набројат 365 цркви. Знаеме дека тие постојат и дека се тука. Но, не знаеме кои се, од каде доаѓаат и зошто доаѓаат на Земјата. Спротивно на стравувањата на Стивен Хокинг, дека средбата со нив ќе биде фатална за човештвото, верувам дека вишиот разум е многу похуман. Сепак, не ми е спорно доаѓањето, спорно ми е тоа другото – зошто еднаш јавно не се покажат и точно да кажат кои се и зошто доаѓаат – прашува Симјаноски.

За своите убедувања Симјаноски пред повеќе години го има добиено прекарот Марсовецот. Сепак, вели дека тоа не му смета. Тој низ земјава и понатаму држи предавања на темата вонземски цивилизации, кои често се многу посетени.

(Т.О./Телеграф.мк)

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП