Saturday, September 26, 2015

КАВАДАРЧАНИ И НЕГОТИНЦИ: РИВАЛИ УШТЕ ОД ТУРСКО

Кавадарчани и неготинци се караат уште од турско време, кога неготинските бегови отишле кај турскиот валија во Солун и со поткуп успеале да го кандисаат седиштето на Тиквешкиот округ да биде во Неготино.


"Лафе радио Кавадарци, слушајте неготинци", се прикажува оти така пред педесетина години Кавадарчани ја започнале својата радиопрограма. Овие, пак, од пуста љубомора оти немале радиостаница, придодале оти чуле на радио како кавадаречкиот спикер му вика на техничарот: „Тисни ја вратата, да ти го тиснам ...".

Приказната се врти до денес, како и многу други кои се дел од кавадаречко-неготинските мајтапења.

Петре Камчевски, кустос-советник во Музејот во Кавадарци, вели дека ривалството меѓу овие два града трае уште од турско време, кога неготинските бегови отишле кај турскиот валија во Солун и со поткуп успеале да го кандисаат седиштето на Тиквешкиот округ да биде во Неготино. На оваа одлука силно се спротивставиле кавадаречките бегови кои два пати дури и ја запалиле неготинската управна зграда, а потоа и тие отишле во Солун да интервенираат кај валијата. Тој, пак, формирал комисија да ги посети двата града и да види каде има подобри услови. Досетливите тиквешки бегови комисијата ја пречекале во Солун и ја довеле во Кавадарци рано наутро, преку сртот на Витачево, од каде што се гледал целиот град облеан во сонце. Тие многу го бендисале градот и вечерта си заминале преку Неготино, без да прошетаат низ него. Од Солун испратиле абер центарот на Тиквешкиот округ да биде во Кавадарци.

Неготино добива поголемо значење со пуштањето на железничката линија Белград - Скопје - Солун, па неготинци раскажуваат како кавадарчани доаѓале кај нив првпат да видат воз, а кога влегувале во вагонот, си ги собувале чевлите надвор. Овие, пак, се перчеле дека имаат повисоки оџаци на фабриките кои се гледаат дури од Неготино, па поранешниот општински службеник Тошо Чулев раскажува дека кога во Неготино почнала да се гради Туланата, еден раководител прашал дали ќе има оџак. "Е, оџак нема", му рекле. „А бе да имаше еден оџак како оној на Кавадаречкиот комбинат не ќе беше лошо", се туфкал тој.

Во Неготино, пак, долго време највисока зграда била Монополот, па кога многу одамна, по враќањето од Кавадарци, го прашале еден повозрасен неготинец што има ново таму, тој им рекол: "Лееле, човеци, да виите ама ногу монополи имало у Кавадарци".

Постарите неготинци тврдат дека тие биле помодерни од Кавадарчани, па први ставиле шапка на глава и облекле мантил, но кавадарчани ни на ова не остануваат покусо, па велат дека неготинци доаѓале така дотерани на корзото во Кавадарци да ги видат кавадаречките моми, ама иделе само по два - тројца, никогаш повеќе. Љубопитни да ја дознаат причината за тоа, кавадаречките ергени за кратко време откриле оти во Неготино само неколкумина имале шешири и мантили, па морале да си ги разменуваат меѓу себе за да можат да ги убедат момите дека возот првин кај нив ја носел модата. Арно ама, кавадаречките ергени, сепак, успеале да доведат повеќе невести од Неготино, кандисувајќи ги да се омажат во град, за да не останат во село.

Надмудрувањата меѓу жителите на овие два града, кои ги делат само десет километри, траат со векови. Во Неготино ќе дознаете најмногу приказни во кафеаните. Еден од неготинските угостители Митко Балкански, до денес се чуди како во времето кога за излез од тогашна Југославија се плаќал депозит од 20 марки, тие морале да го платат, а Кавадарци, како погранично место, било ослободено од оваа давачка, и покрај тоа што преку селото Конопиште немало граничен премин, та луѓето пак морале да поминат преку Неготино за да одат во Грција.

Сепак, и кавадарчани и неготинци потврдуваат дека ривалството меѓу двата града никогаш не ја довело под прашалник меѓусебната соработка. Тие признаваат дека во добрите времиња, кога и во двата града работеле киносалите, скришум меѓу себе си разменувале филмови, без да знаат дистрибутерските куќи. Имале заеднички музички групи, та сега со право едните се гордеат со Никола Бадев, другите со Петранка Костадинова. Но ако ги потпрашате за фудбалските клубови „Тиквеш" и "Вардар", е тогаш ќе ви ги кажат сите пцости што меѓу себе си ги размениле на теренот, не само фудбалерите туку и навивачите од двата града.

Поранешниот фудбалер на ФК "Тиквеш" Никола Сапунџиев се сеќава дека уште тогаш имало местенки на терените, па раскажува за едно од гостувањата на "Вардар" кога едвај се избориле натпреварот да го суди кавадарчанецот Лазо Џамбазот. Три гола едноподруго дале вардарци, па кога судијата видел дека "Тиквеш" ќе загуби на домашен терен, почнал да суди пенали. ФК "Тиквеш" едвај победил со резултат 12:11, но подоцна неготинци им признале дека тие, сепак, се подобри фудбалери од нив.

Сепак, овие два града секојдневјето го живеат со истите лозарски маки. Го молат небото да им го чува родот и ја чествуваат секоја нова реколта секој на свој начин - едните со манифестацијата ТиквеШки гроздобер, со која го означуваат почетокот на бербата, другите со Фестивалот на виното на празникот Свети Трифун. И, што е уште поважно, и едните и другите ја љубат тиквешката жолта и не си го даваат својот дијалект за ништо на светот.

Пишува:Зорица Атанасова
Извор: vest.com.mk

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП