Tuesday, September 29, 2015

СКОПЈЕ ЗА КАВАДАРЦИ Е ГОЛЕМО ФУДБАЛСКО СЕЛО

Престолнината е антифудбалска. Дербито во Скопје го гледаа 0,05% од жителите на главниот град кои процентуално се светлосни години зад Кавадарци.


Играа Вардар и Работнички. Два големи ривали, трофејни екипи, тимови за респект... Но, сето тоа Вардар го носи низ своите води. Сето тоа е за само 500 навивачи и ништо повеќе. 
Процентуално станува збор за 0,05% од жителите на Скопје. Посрамно не може да биде. 

А замислете овој викенд имаше третолигашко дерби во Кавадарци. Играа Тиквеш со Вардар Неготино. Два тима со големо ривалство, без успеси, без пари, без фудбалски ѕвезди. Играа пред 5.000 гледачи во меч на кој гостите ги однесоа бодовите, но никој никого не удри, не се степаа, немаше инциденти. Се собраа 5.000 љубители на фудбалот во град од 38.000 жители. Тоа се 14% од популацијата во Кавадарци. Тоа би значело дека ако овој просек го има Скопје тогаш интересот за дербито на Арената би бил преку 100.000. Тоа е таа цифра, таа бројка, тој интерес и сонот кој никогаш нема да биде исполнет и на двата соседи од Градски парк. 
Можеби за Тиквеш играат бакали, бербери, земјоделци, винари... Истото и за Вардар од Неготино. 

Во скопски Вардар играат ѕвезди кои минале низ многу европски екипи. Играат скапо платени фудбалери од по десетици илјади евра. Толку пари нема Работнички, но и таму фудбалерите се професионалци. Може да бидат нај, нај, нај... Но, можат да плачат и да им завидуваат на бакалите, берберите, винарите.... Тие можеби се аматери, можеби се утепани фудбалери, но тие за разлика од овие професионалциве играат пред 5.000 гледачи. Тие се гледани, тие се фалени, пцуени... 

Впрочем, фудбалот се игра за публика. Ако нема кој да те види залудни се сите успеси, титули и трофеи.

Пишува: Игор Д. Ивановски

Извор: МАКЕДОНСКИ СПОРТ

Целиот текст погледнете го ТУКА.

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП