В петок, на 10 јули во Градскиот парк во Кавадарци, на платото/ширинката пред Винската куќа, ќе се одржи четвртото издание на Меморијалната манифестација „Денот кога се роди добриот човек“. Почетокот е закажан за 21.30 часот.
„Денот кога се роди добриот човек“ е манифестација посветена на еден од култните кавадаречки градски ликови, соработник на најдобрите кавадаречки ликовни уметници (Ристо Соколов, Кирил Мукаетов и др.), на рок музичарите, поетите од Кавадарци – Дејан Костов Лиса. Дете на поубавата страна на кавадаречката урбана приказна. Неговите долгогодишни соработници и пријатели, денес собрани во Здружението за алтернативна култура „Алтер – Центар“ од Кавадарци, се јавуваат како организатори на оваа манифестација.
Секоја година, оваа манифестација посветена на Дејан Костов Лиса, со своето постоење и одржување, носи нови нешта на кавадаречката културна и уметничка сцена. Освојува нови простори и локалитети во градот и околината за културно и уметничко претставување, претставува млади креативци од сите области (ликовна уметност, литература, рок музика, фотографија и сл.) и ненаметливо се етаблира на кавадаречката алтернативна и вонинституционална сцена како настан број еден, особено што наоѓа на интерес и соработка кај моментално најдобрите кавадаречки академски ликовњаци, музичари, поети и академски актери.
Годинава „Денот кога се роди добриот човек“ ќе донесе целовечерен акустичен рок концерт во кој како носители на свирката ќе се најдат кавадаречките урбани трубадури Илија Митрев Пикси и Перо Ангелов Фиш, во поетскиот дел ќе биде промовирана нова урбана поезија од познати кавадаречки имиња со тоа што овде свое место ќе има и кавадаречката слем сцена, а во ликовниот дел ќе бидат промовирани четворица млади ликовни креативци, преку изложба на самото место на настанот на која ќе бидат изложени нивни дела. Во име на организацијата тука се познатите градски ликови (во организација на музичкиот дел) Ѓоко Колев Бејбис и Борис Кујумџиев, свој дел ќе има и академскиот актер Александар Малинков, за поетскиот дел одговорноста ја има поетот и блогерот Марјан Тодоровски, а за ликовниот дел ќе се погрижи младиот академски ликовен уметник Трајче Јованов, во координација со ликовниот уметник Билјана Соколова.
Превземено од http://republika.mk/
0 comments:
Post a Comment