Условна казна затвор од три месеци добија четворица вработени во Центарот за социјални работи во Кавадарци, бидејќи не постапиле совесно во однос на барањата поднесени од сопругата на трикратниот убиец од Кавадарци, Тони Станоев. Казната затвор нема да се изврши доколку во рок од една година обвинетите не сторат ново кривично дело.
Како што се вели во соопштението од Обвинителството, обвинетите во својство на службени лица, вработени во Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи Кавадарци, во временскиот период од 14. 08. 2014 година до 07.10.2014 година, несовесно постапиле при вршење на дискреционите овластувања и сториле повреда на прописи од Законот за семејство.
„Имено, обвинетите лица примиле пријава од оштетеното лице за семејно насилство извршено врз неа и нејзините малолетни деца од брачниот другар, сега обвинето лице за сторено тројно убиство. Во исто време, обвинетите од оштетената примиле и Барање со предлог за изрекување привремена мерка за заштита од семејно насилство и тоа: да не ја вознемирува, физички да не и се заканува, телефонски да не ја малтретира и да му се забрани приближување.
Секој од сега обвинетите, во рамки на своите овластувања, не изготвил индивидуален план за работа, не водел листа за следење на работата, не извршиле посета во семејството, не составиле поединечен наод и мислење за процена на ризик со предлог заклучоци. Обвинетите како членови на стручен тим на одржана седница донеле заклучок да не се постапува по пријавата на оштетената поради што и не поднеле барање до судот за изрекување на бараните привремени мерки“, велат од Обвинителството.
Со ваквото непостапување од страна на обвинетите, на оштетената и е нанесена штета, со тоа што пријавениот на 09.11.2014 година ја остварил заканата со извршување на убиство на членови од семејството на оштетената.
0 comments:
Post a Comment