Велес - Апелациониот суд од Скопје, прифаќајќи ја жалбата на велешкото Јавно обвинителство одлучи Тони Станоев, трикратниот убиец од Кавадарци да лежи доживотен затвор. Во првостепената постапка водена во Основен суд Велес тој доби казна од 40 години затвор. Одлуката на Апелација е објвена на веб-страницата на Основниот суд од Велес.
„Со пресуда на Апелациониот суд Скопје, пресудата на Основниот суд Велес е преиначена во делот на одлуката за кривичната санкција, на начин што обвинетиот Т.С. од Кавадарци, кој со првостепената пресуда е огласен за виновен за три кривични дела убиство, се осудува на казна доживотен затвор“, стои во писменото соопштение.
Оштетеното семејство вели правдата, сепак, победи.
„Со оваа одлука на Апелација ни се врати вербата во правниот систем и судството. Болката што ја претрпевме не може да се надомести. Со изгубените животи на нашите најблиски, ги изгубивме и нашите. Извинувањето од сторителот не ни значи ништо. Останува вербата дека оваа пресуда ќе биде и правосилна“, рече во име на оштетеното семејство Верка Трпчевска, сестра на застреланиот Илија Лелов.
Станоев е осуден на доживотен затвор затоа што на 9 ноември 2014 година со по еден истрел од пиштол од 9 милиметри, за кој поседувал дозвола, ладнокрвно ги убил таткото, мајката и сестрата на неговата сопруга Данче, Илија, Билјана и Снежана Леови. Тоа го сторил во нивниот дом додека семесјтвото се подготувало за неделен ручек. Според вештите лица, доктори невропсихијатри, Станоев во моментот кога ги застрелал тројцата бил во пресметлива состојба, нема ментална ретардација, ниту хронично или психичко растројство.
„Не можам да го вратам времето назад. Се случи на брзина. Изразувам сочувство за смртта на трите лица“, рече Станоев во завршниот збор при првостепената постапка. Осудениот има право на жалба до Врховен суд.
Роднините на убиените, пак, сметаат дека ако системот функционирал немало да дојде до трикратното убиство, алудирајќи на пресудите за вработените во кавадаречката полиција и на службениците од Центарот за социјални грижи. Двајца полицајци од Кавадарци беа осудени условно и со парична глоба оти не постапиле по пријава на семејството и не му го одзеле пиштолот на Станоев со кој тој претходно им се заканувал, а подоцна и го извршил убиството. На условни затворски казни беа осудени и четири службеници од Центарот за социјална работа од Кавадарци, бидејќи несовесно постапиле по пријавата за семејно насилство од Станоев врз неговите блиски и ја отфрлиле.
Пишува: Петар Печков
Извор: Утрински ВЕСНИК
0 comments:
Post a Comment