На локалитетот Девол во непосредна близина на кавадаречкото село Раец, денеска пред медиумите беа претставени две нови камени корита од римскиот период, кои се доказ за многувековната традиција за преработка на грозје во Тиквешијата. Локалитетот се наоѓа на околу 410 метри надморска височина.
– Многу сум среќен што ги откривме овие корита со кои бројот на вакви откриени сведоци од минатото се искачи на четири во Тиквешијата. Како што гледате ова корито кое последно го откривме е многу убаво издлабено во една монолитна карпа. Станува збор за камено корито долго два метра и широко од 80 до 90 сантиметри, појасни директорот на кавадаречкиот музеј, Петре Камчевски.
На долниот дел има уште едно помало корито во кое се цедела ширата.
– Ова камено корито служело за гмечење на грозјето за подоцна од него да се добие вино. Откако ќе се исцедела ширата, подоцна се носела со крбли односно во мешини и се складирала најверојатно во близина каде што имало Вила рустика. Тоа всушност претставува помошна просторија што ја имале сите побогати земјоделци односно земјопоседници. Во тие вили рустики обично живееле робовите или зависните селани а имало и други помошни простории во кои се одгледувал добитокот или се чувале алати за обработка на земјата, додаде Камчевски.
Тој истакна дека сите 4 камени корита се многу значајни за Тиквешкиот крај. Иако последново е со мали димензии, нагласи, сите се многу важни како белег дека лозарството и винарството во овој крај биле развиени уште во античкиот период. Локалитетот, според Камчевски, потекнува од четвртиот и петтиот век пред нашата ера. Меѓутоа, коритата овде се од малку подоцнежен период,. Тие се од римскиот период, некаде четвртиот, петиот век од нашата ера.
– Во непосредна близина се наоѓа археолошкиот локалитет Еударист. Во негова близина се наоѓа единствениот храм посветен на богот Дионис, бог на грозјето и виното, веселбите., плодноста и раскалашениот живот, рече директорот на музеј галеријата од Кавадарци.
До коритата стигнавме со помош на двајца жители од селото, Зоран Цветков и Иле Ѓорѓиев, кои помогнаа во нивното откривање, најпрво на едното, па потоа и на другото. За едното од нив, на Цветков му требало подолго време за да го пронајде, па да ни го покаже.
0 comments:
Post a Comment