Една штица од бочва со вино да се напукне македонските винарници се принудени да бараат мајстори од странство за да ја поправат или сменат. Многу од нив нови бочви купуваат од Франција бидејќи изумира бочварскиот занает во најголемиот винарски регион во Македонија, Тиквешкиот. Истражувавме зошто никој не вложува во бочварскиот занает, кој изумира во овој крај, поради што се одлеваат од државата девизи за купување буриња.
- Точно е, нови буриња набавуваме од Франција. Тие се најдобри. Направени се од француски и од американски даб. Некои набавуваат и од други земји, на пример, од Славонија во Хрватска. Само со едно купено буре се одлеваат од 300 до 500 евра надвор од Македонија. Мајсторијата не е само до бочварот, туку тој што ќе го сече дрвото за буре треба да знае кога да го пресече, како да го исече и како да го чува пред да направи од него буре за вино. Старите ни ги поправаат мајстори од странство. Некои викаат бочвари од околината на Kрушевац во Србија, кои порано работеле како бочвари во тамошниот „Рубин“. Изумира бочварскиот занает кај нас - беше коментарот во две винарници во кои побаравме одговор на оваа тема.
Познавачите на состојбите велат дека млади треба да се школуваат или обучуваат за овој занает. А кога ќе се усовршат, ќе имаат можности за самовработување.
- Треба едукација и соодветна помош затоа што не треба многу инвестирање за да се почне тој фамилијарен бизнис. Но, младите немаат желба за ваков занает, да ја градат иднината со свој бизнис и да стават свој печат на времето - велат тие со кои разговаравме.
Дека бочварскиот занает изумира во Тиквешко, иако од него може да се живее, ни потврди и Душан Темков од Kавадарци, кој своевремено работел во кавадаречката бочварница „Даб“. Правеле и големи бочви, кои собираат и по 5.000 литри вино. Бочварницата пропаднала заедно со многу други претпријатија во Македонија. Тој има 81 година и 31 година е во инвалидска пензија. Kажувајќи ги по име и презиме дваесетина свои сограѓани што се занимавале со бочварство во градот на виното, вели дека само тој останал од старите бочвари, другите сите изумреле.
- Во нашата бочварска работилница изработувавме буриња што ги продававме во цела Македонија, како и во Србија. Сега има многу повеќе вино од тогаш, а буриња се носат од Франција, Србија, Хрватска... Срамота е да се увезуваат буриња кога нашата општина е меѓу најбогатите со шума и има извонреден даб од кој може да се направат најубавите бочви. Мислам дека треба да се размисли околу тоа да им се овозможат поволни услови на сите што би сакале да започнат еден ваков фамилијарен бизнис - нагласува овој мајстор на бочварскиот занает и додава дека голем дел Тиквешани во своите домашни визби имаат бочви или каци полни со вино и со ракија направени од неговите раце.
Никој од децата и од внуците засега не го продолжил неговиот занает.
- Машини имам, ама нема кој да ги работи. Алатите сега фаќаат прав, ’рѓосуваат... Многу ми е жал што ми изумира занаетот. Тежок занает е тоа, ама убав - зборува чичко Душан со носталгија.
Во некои други градови има бочвари, ама винарите со кои разговаравме велат дека купувањето бочви од странство е на некој начин и мода. Kако што цел свет терал мода во винарството, така и дел од нашите винари.
Бурето го формира телото
Енологот Елена Богева вели дека е многу важно какво е бурето во кое спие и созрева виното.
- Не случајно по примената на амфорите и мешините, најзастапени и најмногу примена во винарството наоѓаат бурињата и тоа исклучително од даб. Тие се создадени едно за друго со виното, кое штотуку родено и диво мора да се скроти, да омекне, да се изгради во зрело вино од кое многумина ќе се насладуваат и ќе бараат капка повеќе. Виното има свое тело, кое мора да биде обликувано, а тоа најдобро ќе се постигне во едно квалитетно изработено буре - вели Богева.
Пишува: Светлана Дарудова
Извор: ДНЕВНИК
0 comments:
Post a Comment