Friday, October 2, 2015

КАВАДАРЕЧКИОТ ДЕЛ НА КОЖУФ: Бизнисмените освојуваат со фирми и вили



За да стасаме до кавадаречкиот дел на Kожув, мора да се спуштиме до Гевгелија и потоа да поминеме низ Kавадарци. Знаеме дека треба да се искачиме на многу поголема височина отколку што е Смрдлива Вода и по искуството со патот над оваа населба, додека на излезот од Ваташа го бараме сообраќајниот знак, кој треба да не одведе до Михајлово, се прашуваме што ли не чека во овој дел на планината каде што треба да извозиме многу повеќе километри отколку во гевгелискиот дел.

И се покажува дека без потреба сме стравувале. Од Kавадарци нагоре кон Михајлово и Мрежичко, кои од градот се оддалечени речиси 40 километри, води одличен асфалтен пат, по кој полесно се вози отколку кога сте на автопатот. Патот е нов, широк и одлично одржан, во што помага и самиот терен, кој е питом. Возиме по висорамнината Витачево, која се простира на 800 метри надморска височина. Дознавме дека овој пат го користат фирмите „Kожувчанка“ и „Горска“, чии погони се во Мрежичко и во Kонопиште, шумското стопанство и „Фени“ за превоз на рудата од Алшар и Мајден. За рудата повеќе не се користи електричната лента, која како мост на голем број места го премостува патот. Иако возејќи по Витачево, од двете страни се двојат помали патчиња до десетина села, ни кажуваат дека сите планински кавадаречки села се иселени уште во 80-тите години. Во нив се останати старци и фирмите што имаат погони таму носат вработени од Kавадарци бидејќи меѓу локалното население нема млади и работоспособни.

По 30 километри, го напуштаме убавиот пат и возиме кон Михајлово пат на кој му треба поправка, која најверојатно брзо ќе се случи бидејќи овде се викенд куќите на кавадаречките бизнисмени. И тука не чека најголемото изненадување - патот ни го пресекува дива свиња со неколку диви прасиња. Продолжуваме откако тие без брзање се изгубија во блиската шума.

Стасуваме до одморалиштето во Михајлово. Освен убавата природа во кое е сместено, воодушевува уреденоста и хигиената на целиот објект и околина. Штом ќе стапнете се гледа дека овде се води сметка за секој детаљ. Одморалиштето од пред три години е во приватна сопственост. Цела година е отворено за гости. Полн пансион чини 1.050 денари.

- Ова одморалиште го купивме како најдобро одржано од сите детски одморалишта во земјава. Задржавме се што беше вредно, а другото го реновиравме. Децата се нашите приоритетни гости за летувања, зимување и настава и во природа. Работиме цела година и имаме понуда и за другите гости. Важно ни е гостите да бидат задоволни овде, со насмевка и љубезно да бидат пречекани и услужени и се разбира хигиената да биде на највисоко ниво. Исто така, водиме сметка и да бидеме конкурентни со цените во споредба со соседна Бугарија и полека да го развивме планинскиот туризам. Ако кавадарчани ни се редовни гости за Илинден, 1 Мај и Нова година, скопјани најмногу ни доаѓаат во јануари и февруари, кога бегаат од загадениот скопски воздух, а токму тие месеци Банско има повисоки цени за македонски состојби. За нив ова место е како воздушна бања - ни вели Љупчо Глигоров, раководител на одморалиштето.

А тајната зошто Михајлово останало недопрено од крадците додека бил затворен објект е во близината на караулата, која е оддалечена нецели 900 метри. Веднаш потоа е границата со Грција. Оттаму се гледа Воден, а најблиско место од другата страна на границата е Пожарско (Лутраки), каде што Македонците се чести гости, а македонските туристички работници може многу да научат како успешно се работи во сите четири годишни времиња.

Љупчо не води низ одморалиштето и ни кажува дека нивен нареден голем зафат е уредувањето на ски-патека од еден километар и ски-лифтови. Теренот ќе биде наменет за почетници и рекреативци, со оглед на тоа дека децата овде се главните гости.

Целиот текст прочитајте го ТУКА >>>

Пишува: Соња КАЗИОВСКА

Извор: ДНЕВНИК

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП