Sunday, September 27, 2015

ДОЖДОТ ГО ПРЕКИНА ГРОЗДОБЕРОТ


Дождот што паѓаше речиси цела седмица го прекина за момент гроздоберот во Тиквешијата. Викендите во овој период во Тиквешко најчесто се користат за берба. Но, тоа не беше случај и последниот викенд. Лозарите останаа дома нервозни поради тоа што може да пропадне несобраниот род од нивите.
Многумина од нив стравуваат дека зголемената влага во почвата ќе го намали процентот на шеќер во грозјето, но истоврмено може и да ги оштети гроздовите. Мерењата покажаа дека наврнаа над 50 литри дожд на квадратен метар за само една недела.

За жал, и стручните лица сметаат дека дождот може да направи штета во лозарството.

„Нашата препорака е винските сорти грозје да се приберат веднаш штом ќе се стабилизира времето. Обилните врнежи негативно ќе влијае врз грозјето. Прво, ќе има појава на ботритис, односно, гниење, но ќе има и губење на квалитативните особини на грозјето. Посебно на ’удар‘ од дождот ќе биде грозјето кое не е добро третирано со заштитни средства и кај кои гроздовните молци направиле оштетувања на зрната. Имавме доста сушен период, па се надевам дека овој дожд нема многу да влијае на трансформацијата од киселини во шеќери, односно, ќе нема драстично опаѓање на шеќерноста“, вели проф. д-р Ристо Вучков.

„Двојна загуба од дождот ќе имаат лозарите чии лозови насади се неколку пати наводнувани, загуба и во шеќерноста и во тежината на родот“, вели Божанка Кузманова, самостоен референт во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството од Кавадарци.

Кај најзастапената винска сорта во Тиквешко, „смедеревката“, чија берба се' уште не е започната, веќе се бележи опаѓање на шеќерните единици, велат лозарите и објаснуваат дека ќе чекаат стабилизација на времето и повеќе сончеви денови за да ја добијат оптималната шеќерност.

Пишува: Ангел Данов

Извор: Утрински Весник

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП