Трајанка Митрова - директорка на Радио Кавадарци |
- Радио Кавадарци постои 57 години, од кои во последните осум во приватна сопственост. Горди сме што како едно од тогашните 29 здружени радиостаници во Република Македонија не ја делеше истата судбина со другите, кои, за жал, не успееја да се трансформираат, а со тоа и да продолжат со работа, туку напротив е едно од трите кое не само што опстана, туку од времето на неговото приватизирање па досега, благодарение на упорноста и пожртвуваноста на вработените и раководниот тим, од една страна, и лојалноста и посветеноста на слушателите, од друга страна, го достигнува врвот на својата слушаност како локално радио.
Ова го велам од причина што според анкетата на агенцијата Мак Висион, нарачана од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Република Македонија, Радио Кавадарци оваа година е убедливо најслушано радио од локалните радиостаници во Македонија, додека минатата година на манифестацијата „Златни мелос 2014“ во Србија, освои музичко признание за најдобро музичко радио во Македонија, кое првпат се доделува за радио надвор од границите на Србија.
Кавадарци е познато по виното и песната, впрочем, едно без друго не одат овие две работи. Колку домашна квалитетна музика е застапена на брановите на вашето радио?
- А, можеби Кавадарци е познато по виното и Радио Кавадарци? Како и да е, се разбира дека виното подобро оди со убавите песни кои ги емитуваме на програмата. За жал, домашна квалитетна музика, зборувам за новокомпонирана, последните десетина години речиси и нема, па така компензираме со преработените и препеани од сегашните пејачи и групи македонски песни, кои Радио Кавадарци ги има и во оригинал од големиот фонд на музика. Жалам што состојбата во Македонија, барем на музичката сцена е таква, но се надевам дека во скоро време нема да бидеме во ситуација како сега да се прашуваме што да пуштиме, а да не го повториме од вчера?
Колку Вие, како кавадарчанка сте љубител на добрата голтка на Бахус, но и на добрата музика? Си запејувате ли некогаш, особено што новинарите ги бие глас дека се боеми, расположени за песна?
- Не само што се пее, туку и се игра, се разбира со моето омилено црвено вино! Секогаш сум расположена за песна, со неа се радувам, со неа тагувам. Како музички уредник порано се трудев да ги задоволам вкусовите на слушателите, но со текот на времето толку добро се запознавме што сега и без да прашам знам што сакаат да слушаат. Она што би си го пуштила и јас за своја душа.
Во октомври Ве очекува „Музичка вечер“ во Чешме, Турција, на која Вие ќе бидете водителка. Од кого дојде оваа покана?
- Прво, морам да кажам дека Радио Кавадарци ги руши рекордите на слушаност и на интернет насекаде низ светот, а едни од моите најверни слушатели се Турците, чии корени се токму од тиквешкиот крај, а сега живеат во Измир, Истанбул, Ајдин. Поканата дојде од спортскиот клуб Шемиклер од Измир, на господинот Али Ајваташ. Се работи за македонска музичка вечер што ќе се одржи на 24 октомври во хотелот Алтин Јунус во Чешме, а на која ќе се пеат и свират македонски песни и ора, во присуство на видни гости од општествениот и политичкиот живот во Измир и Турција. И затоа ми е чест и задоволство што ќе бидам дел од неа.
Вашите ќерки, се чини, ќе Ве наследат во професијата. Како го замислувате радиото во иднина, како успешен семеен професионален бизнис, но и со кои новини ќе ја освежите концепцијата?
- Па велат: крушата под круша паѓа. Јас ова го работам со љубов, а многу природно е да им се пренесе и ним, со оглед на тоа што Радио Кавадарци е дел од нашиот живот. Поголемата ќерка се запиша на втора година на студии по новинарство и веќе има искуство во оваа работа, а не се сомневам дека и помалата ќе тргне по овие стапки. Ако ме прашате зошто мислам така? Затоа што едноставно тие имаат дарба за тоа. А во блиска иднина, Радио Кавадарци го гледам како регионално музичко-говорно радио со богата информативна и забавно-рекреативна содржина, затоа што посакувам ,она што го имаат слушателите во Тиквешијата, да го имаат и слушателите, ако не во цела, барем во половина Македонија.
Пишува: Јасминка Павловска
Извор: www.utrinski.mk
0 comments:
Post a Comment