Целосно помрачување на Месечината заедно со т.н. супер Месечина е спектакл кој се очекува во неделата вечер или во раните утрински часови во понеделник, зависно од позицијата на планетатата Земја. Станува збор за комбинација која не е видена од 1982 година и која нема да се повтори до 2033 година, најавува НАСА.
Т.н. супер Месечина се случува кога полната Месечина се наоѓа најблиску до Земјата. Иако тоа е оддалеченост од 350.000 километри, Месечината ќе изгледа поголема и посјајна од обично, пренесува агенцијата „Бета“.
Целосното помрачување на Месечината ќе трае повеќе од еден час и ќе биде видливо, ако тоа го дозволат временските прилики, од Северна и Јужна Америка, Европа, Африка и западна Азија.
Во Европа , Месечината, Земјата и Сонцето ќе се наредат во линија некаде пред зората од 4.11 до 5.23 часот по централно европско време.
Опсерваториите ќе ги отворат своите телескопи за јавноста, иако нема да бидат потребни уреди за зголемување за да се види ова помрачување, укажуваат стручњаците и додаваат дека тоа ќе биде лесно видливо со голо око.
Астрономните ги повикуваат луѓето кои гледаат во ѕвездите едноставно да го вперат погледот на исток.
Природниот сателит на Земјата не произведува сопствена светлост туку ја добива од Сонцето. Рано во понеделник Месечината ќе биде во точна линија со Сонцето и Земјата.
„Ќе имаме целосно помрачување бидејќи целата Месечина ќе биде прекриена со сенката на Земјата – изјавил Паскал Декам, астроном од Париската опсерваторија.
Пред очите на набљудувачите Месечината ќе исчезне, бидејќи на неа нема да паѓаат зраците од сонцето и повтроно ќе се појави обоена во црвена боја, поради што и се нарекува црвена Месечина.
Месечината во понеделник ќе биде најблизу до Земјата и ќе изгледа посебно сјајна и голема на небото, и ќе изгледа 14 отсто поголема и 30 отсто посјајна, изјавил Сам Линдси од Лондонското кралско друштво на астрономи.
За разлика од помрачувањето на Сонцето помрачувањето на Месечината не е опасно за очите и набљудувачите слободно може да користат двогледи, телескопи и други инструменти, нагласил Линдси.
„Тоа е спекткл за сите и бесплатен е. Доволно е само да погледнете низ прозорец – напоменал Паскал Декам.
0 comments:
Post a Comment