Блаже Балов (20) од Кавадарци доби осум месеци затвор за сообраќајка во која, под дејство на алкохол, со неговиот автомобил удрил во пет лица, од кои две биле потешко повредени.
Обвинетиот Балов пред судијата го признал кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и, по признанието, изречена му е казната затвор. Според обвинението, Балов на 1 мај минатата година, во 18 часот и 45 минути, во близина на градските гробишта во Кавадарци го управувал неговиот автомобил "мерцедес" под дејство на алкохол, со измерени 2, 34 промили во крвта, и со брзина од 93,3 километри на час, која била двојно повисока од дозволената на тоа место. Во еден момент изгубил контрола над возилото и преминал на левата коловозна лента.
Притоа удрил во две возила кои доаѓале од спротивниот правец, а од ударот пет лица биле повредени. Освен затворската казна од осум месеци, на обвинетиот Балов му е изречена забрана за управување возило во траење од 18 месеци, при што времето минато во затвор не се смета во оваа забрана. Тој изразил каење за стореното, а оштетените побарале условна затворска казна за возачот, кој со возењето над дозволената брзина и под дејство на алкохол ги довел во опасност нивните животи. (П.П.)
Превземено од vest.mk
0 comments:
Post a Comment