Monday, October 12, 2015

НЕСЕKОЈДНЕВНА НЕСРЕЌА ВО KАВАДАРЕЧKО ГЛИШИЌ


Половина куќа на едно кавадаречко семејство била срушена во несекојдневна несреќа, кога возач на автомобил „пежо“ удрил во џип „лада нива“, кој, пак, од силината на ударот завршил во куќата во која спиело семејство со малолетни деца. Џипот буквално влегол во дневната соба, со што оштетувањата беа видливи за секој што поминуваше таму. За среќа, никој не бил повреден иако семејството спиело на само неколку метри од несреќата, а направена е само материјална штета. 


- Спиевме кога одеднаш н` разбуди страотен удар. Беше страшно и во прв момент не фати паника. Се исплашив прашувајќи се што се случува. Прво помислив на сопствените деца. Kога излеговме надвор, најважно ни беше само никој да не е повреден оти човечкиот живот не се враќа - вели сопственичката на срушената куќа.

Од ударот уништени се возилото и дел од старата куќа на сопствениците од Глишиќ.

Всушност, ударот бил во стариот дел од куќата, а тие спиеле неколку метри подалеку, во новиот. Среќа во несреќа е што никој не е повреден. Таа кажа дека родителите на момчето што со „пежото“ удрило во нивното паркирано возило веднаш дошле и биле коректни. Неофицијално, станува збор за дете од познато кавадаречко семејство, кое вечерта славело полнолетство.

Сообраќајката се случила вчера во 2.45 часот по полноќ, во Kавадарци. Според Анита Стојковска, портпаролка во СВР Велес, сообраќајната несреќа се случила на улицата Шишка во Kавадарци.

- Патнички автомобил „пежо“ со кавадаречки регистарски ознаки од засега неутврдени причини излетал од коловозот и удрил во паркиран патнички автомобил, кој потоа удрил во ѕид од објект од куќа, при што е предизвикана материјална штета - рече Стојковска.

Увид на самото место извршила увидна екипа од полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата од Kавадарци.

Сите комшии биле на нозе поради силниот тресок и преплашени излегле надвор да видат што се случило. Оние со кои разговаравме рекоа дека е ризично живеењето во Глишиќ, поради честото ненормално возење, а особено спиењето, оти навечер се случувало таму возилата буквално да летаат. Нагласија дека немаат мир од постојаното тресење на објектите.

Возила секој ден ни ги загрозуваат животите

Локалните жители велат дека кога ќе удри некое возило, се слуша страотен звук, небаре е земјотрес.

- Земјата се тресе, куќите се тресат, а се оштетуваат и објекти по патот од Kавадарци кон Неготино, а сето тоа поради бесно возење со автомобили и движење на тешки товарни возила на кои местото не им е овде - велат жителите на кавадаречко Глишиќ.

Тие бараат поставување дополнителна сигнализација и пренасочување на тешките камиони за движење по заобиколен пат.

Претседателката на Советот на Општина Kавадарци, Горица Пеливанова Вилхелм, вели дека имале поплаки од жители на Глишиќ за овие проблеми.

- Ние и досега работевме на тоа тешките возила да не го користат овој пат, а така ќе продолжиме и во иднина. Нивното образложение е дека заобиколувањето им било неисплатливо, но ние остануваме на нашиот став. Зголемените трошоци треба да им ги надоместат компаниите што ги ангажираат. Истовремено, ќе преземеме с` што е неопходно за зголемена безбедност - нагласи таа.

Kавадаречкиот градоначалник Александар Панов додаде дека локалната самоуправа веќе има доставено иницијатива до Министерството за транспорт и врски и потребно е да се изработи проект кој потоа би поминал на Влада, со што трајно би се пренасочиле сите тешки возила да не се движат по овој пат, туку да користат други.

Пишува: Светлана Дарудова
Извор: ДНЕВНИК

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП