Monday, February 1, 2016

ВИСТИНСКИ ПРИКАЗНИ ЗА ВЕЧНИ СЕЌАВАЊА: РЕКАТА “ЛУДА МАРА”


Некогаш кон Кавадарци водеа, или од него излегуваа патишта кон Неготино, Долни Дисан, Ваташа, Ресава, Возарци и Сопот. Бидејќи сите градби беа мали и ниски, ми се чинеше оти како будни стражари градот го надвишуваа висорамнината Витачево и голиот Лубаш, два синонима за Кавадарци, со чии имиња и тогаш и денес луѓето се послужуваа за да одбележат некоја вредност, димензија, содржинска цел. Најчесто се велеше: „Голем како Лубаш“, или „Рамен како Витачево“. Топонимот Моклиште беше пак синоним на убавина, зеленило, излети.


Меѓутоа, како кичма низ градот низ него се протегаше најбесната река за која се знаело и која што со право го понела името Луда Мара. Зошто толку агресивно име? Денешните генерации не можат ни да го замислат нејзиното некогашно лудување, надојдување, бучење, носење се пред себе.

Луда Мара најмногу била надојдена 1932 година кога се разлеала дури до местото викано Лубаш. Некои луѓе ја споменуваат и 1935 година како силно надоаѓање на лудата река Луда Мара. Како и да е, лудилото нејзино се памети според дивото разорување. Нејзиниот бес се весели во паметењето на секој жив Кавадарчанец. И ден-денес моите уши како да го слушаат нејзиното поулавено ечење. Лудата река остави повеќе луди белези. Првиот нејзин луд белег веднаш се покажа. Неколку сиромашни крајбрежни куќи надве ги расече. Едниот дел од куќите расечени киниса збеснетата матица, а вториот дел остана грдо оклештен на местото свое. Јароста јачеше, јачеше, надалеку се распостилаше јачењето диво. Лудиот речен сврдел за неполни десет декики ја поткопа старата општинска зграда во која беше сместена кралската општинска власт. И на силата и се зема силата. Пред разоглавената речна лудост општинската силна власт се престори во ситно афионско семе. Полудената матица како со една рака го однесе зданието на општината. Дојде откорнатото здание до дрвениот мост. Тука се расече на две половини. расечените делови се провлекоа низ раклите камени. Киниса низ коритото да плови со некое чудно молчење и кротка согласност. Како најголемо чудо за очите човечки беше тркалањето на општинската железна каса. Таа беше добро замандалена. Велат маалските муабетчии дека во неа биле сместени парите кралски за општинските ајлакчии.

Лазо Гечев, општински благајник во тоа време сериозно се загрижил што не можел да им ги подели ајлаците на општинските службеници и пандури. Тој Лазо од се срце се развеселил кога слушнал дека железната убавица е пронајдена некаде близу селото Глишиќ.

Таа ноќ дивеењето на реката најмногу го доживеаја жителите во куќите околу неа. Ноќта тивко втаса до својата половина. Одненадеж до човечките уши стаса некој подмолен татнеж. Стасаа повеќе диви звуци. Најавнаа звук на звук. Грдо врз грдо ечи. За неколку деки порасна лудоста во празното и кротко речно корито.

Матицата разоглавена ги измести камењата од своите кротки и тивки гнезденца. Камењата спокојни, без своја желба се раскокаа низ полуденото речно корито. Низ коритото тече разјарена матна вода. Јачи лудилото и од надвор и однатре. Илјадници камења станаа движечки тркала. Очите човечки насекаде гледаа само лудо камено движење. Сите искорнати камења кинисаа во туѓина. Матицата разјарена им ги разниша и им го одзеде местото во кое беа кротко залупани. Се раздомија безброј камени спокојства. Речиси два дена и две ноќи се слушаше подивениот звук на подивената река. Таа година беше разурнат и дрвениот мост на реката.

Од книгата „Вистински приказни за вечни сеќавања“ Кавадарци 1900-1945, од Зорка Тодорова Младеновиќ, Кавадарци 2012 г.

(Подготви Марко Китевски)

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП