Во кавадаречката чаршија уште во 1664 година имало седумдесетина занаетчиски и трговски дуќани, рече Петре Камчевски, директор на музејот.
-Занаетчиството во Кавадарци како значајна стопанска гранка било развиено во 19 век и првата половина на 20 век. Од турските пописни документи можеме да дознаеме дека уште во 16 век занаетчиството имало голем подем , а тоа го потврдува и светски познатиот патописец Евлија Челебија кој го посетил овој град во 1664 година, објасни Камчевски кој е кустос- советник историчар, автор на изложбата.
Во почетокот на 20 век според познатиот етнограф и петролог Јован Цвијиќ, кажа Камчевски, имало околу 220 занаетчиски и трговски дуќани.
-Во дваесетите години на 20 век во занаетчиството работно биле ангажирани околу 280 луѓе, а до крајот на педесетите години таа бројка постојано се зголемувала, нагласи тој.
Во 1939 година бројот на вработените лица во овој сектор изнесувал 380, а во 1954 година 505 лица, или повеќе од 10 проценти од вкупниот број на вработени лица во општината.
-Постепеното замирање на занаетчиството започнало по изградбата на железничката пруга Белград Скопје Солун во 1874 година, кога започнало навлегувањето на мануфактурната и индустриската стока во Македонија, рече Камчевски.
Кавадаречките занаетчии, информираше тој, во поголемиот дел биле организирани во еснафски здруженија, кои ги штителе нивните интереси. Скоро секој еснаф имал светец кој го празнувале како заштитник. Еснафите соработувале и си помагале, а ги помагале и семејствата на посиромашните занаетчии, посебно оние кои ги задесувале несреќи.
-Многу занаетчии активно биле вклучени како ајдуци во текот на 18 и 19 век, потоа како комити и револуционери во илинденскиот и постилинденскиот период, а во времето на народноослободителната војна многумина од нив и ги дале своите животи, нагласи директорот на музејот.
Денес занаетчиството во Кавадарци, рече, се сведува на неколку занаетчиски дуќани кои во главно извршуваат услужна дејност, а спомените за него се чуваат во меморијата на постарите кавадарчани, во записите на старите патописци, како и во старите фотографии за историјата на занаетчиството во Кавадарци поместени во изложбата.
Организатор на изложбата е музејот, покровител градоначалникот и Советот на општина Кавадарци, а таа е помогната финансиски од министерството за култура на Република Македонија.
Пред присутните се обрати и градоначалникот на Кавадарци Александар Панов кој се осврна на економскиот потенцијал на Кавадарци кој како што рече, го става овој град на врвот по економски просперитет во државата.
0 comments:
Post a Comment