Tuesday, September 8, 2015

ЧЕСТИТ 8 - МИ СЕПТЕМВРИ, ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Вторник, 8 септември 2015 – Република Македонија денеска одбележува 24 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина… Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно­правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.

По повод 8 Септември ­ Денот на независноста на Република Македонија, денеска собраниска делегација ќе положи венец цвеќе на споменикот „Паднати херои за Македонија” во паркот „Жена борец“. Цвеќе ќе положат и партиски, општински и граѓански делегации.

0 comments:

Post a Comment


ЗАНИМЛИВОСТИ

КУЈНА

МУЗИКА

ЕПРОСКОП